Бизнис вести

Македонија и Словенија имаат голем потенцијал за економска соработка, трговската размена постојано се зголемува

На Македонско-словенечкиот бизнис форум, што се одржа вчера во Стопанската комора на Македонија, премиерот Зоран Заев ги повика бизносмените и стопанствениците да ја унапредуваат меѓусебната соработката и да бидат дел од развојот на економските и политичките односи меѓу двете земји

четврток, 05 април 2018

Премиерот Зоран Заев ги повика словенечките бизнисмени да учествуваат на тендерите од преку 270 милиони евра за големите инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура во Македонија, како и во енергетиката и еколошките проекти што ќе се реализираат во текот на годината. На Македонско-словенечкиот бизнис форум, што се одржа вчера во Стопанската комора на Македонија, на кој покрај премиерите на Македонија и на Словенија, Зоран Заев и Миро Церар, присуствуваа и претседателите на коморите на двете држави, Бранко Азески и Соња Шмуц и бројни бизнисмени и стопанственици, македонскиот премиер потенцираше дека стопанствениците можат и треба да ја унапредуваат меѓусебната соработката и да бидат дел од развојот на економските и политичките односи меѓу двете земји.

„Трговската размена расте секоја година од 10 до 15 проценти и постојано се подобрува. Јас сум убеден дека ќе го зголемиме извозот на Република Македонија кон Словенија, но и на Словенија кон Македонија. Сигурен сум дека голем дел од вашите компании може да остварат сериозен профит овде, во Македонија работејќи на сите отворени перспективи и проекти. Ќе ја искористам приликата да кажам дека сум горд и на инвестицијата на ‘Алкалоид’ и на инвестицијата на ИГМ во Словенија“, рече Заев.

Тој информираше дека се водат разговори помеѓу двете влади за развој на механизам кој ќе значи развојна компонента на Словенија во Македонија. Станува збор за грант од 25 милиони евра и кредити од словенечките банки за проекти од екологијата и инфраструктурата, механизам што ќе се доработи на ниво на влади, а ќе се однесува, пред сè, за словенечките компании и за македонските компании кои традиционално соработуваат со словенечки компании.

„Како Влада не нѐ интересира вашиот профит, туку наш интерес е придонесот во создавањето на бруто домашниот производ, зголемувањето на извозот, вработеноста, воведувањето нови технологии, конкурентноста. Во Македонија создаваме амбиент што ќе им овозможи на компаниите, на словенечките инвеститори и на домашните компании да учествуваат во големите капитални инфрастуктурни и енергетски проекти. Инвестираме во локалните и регионалните патишта, во железницата. Ќе има инвестиции во РЕК ‘Битола’, во ‘Осломеј’, во хидроцентрали, ветерници, фотоволтаични централи, МЕПСО ќе инвестира во преносниот систем, но ќе се инвестираат и 60 милиони евра во канализациска мрежа, водоводи, градинки и други обејкти. Еколошките проекти ќе се финасираат и со грант од ЕУ во висина од 25 милиони евра, а тука е и грантот од 25 милиони евра, но и кредитите од Словенија“, потенцираше Заев.

Премиерот на Словенија, Миро Церар говореше за пријателските односи меѓу двете држави потенцирајќи дека тие треба да се градат на подолг рок.

„Пријателството се гради полека и постојано и затоа е важно меѓу Словенија и Македонија да го градиме секој ден преку сите области преку кои добро соработуваме“, рече Церар и оцени дека има големи можности за проширување на соработката на планот на енергетиката, туризмот, екологијата, прехранбената индустрија, металопреработувачката индустрија.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески истакна дека словенечките инвестиции се стабилни и оти тој очекува подигање на повисоко ниво на деловната и на политичката соработка меѓу двете земји, додека првиот човек на словенечката Стопанска комора, Соња Шмуц рече дека Словенија е еден од најголемите инвеститори во Македонија, но дека целта е сегашната трговска размена од 350 милиони долари да прерасне на половина милијарда долари.

Министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши пред бизнисмените од над 100 компании од двете држави ги презентираше условите и поволностите што ги нуди нашата држава за сите заинтересирани компании за инвестирање, потенцирајќи ги бањскиот туризам, иновациите, технолошкиот развој и обновливите извори на енергија, како најатрактивни за инвестирање.

„Владата дава поддршка за нови вработувања, за воспоставување и унапредување соработка со доставувачи од Македонија, за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за зголемување на конкурентноста на пазарот, за освојувања пазари и пораст на продажбата. На располагање ви се и технолошките и индустриските зони кои нудат многубројни даночни и царински поволности“, рече Бектеши.

Словенечкиот министер за економија и технологија, Здравко Почивалшек истакна дека Словенија со инвестиции е присутна подолг период во Македонија. Притоа тој ги поздрави новите инвестиции од две македонски компании во Словенија.
 

Содржината е прочитана 99 пати.