Инфо

Ќе се зајакнуваат стандардите во градежништвото

Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Градежниот факултет од Скопје и ИЗИИС потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел да воспостави поголема синергија меѓу институциите, да продуцира кадар кој ќе одговори на потребите на градежните компании и да ги следи најновите трендови и почитувањето на стандардите при планирањето, проектирањето и изведбата на објектите

среда, 04 април 2018

Ќе се зајакнуваат врските меѓу теоријата и праксата во градежниот сектор, меѓу квалитетот и стабилноста на објектите, но и меѓу стандардите и одговорноста во целиот процес. Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Градежниот факултет од Скопје и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) денеска потпишаа Меморандум со кој ја официјализираа заедничката работа.

Соработката има за цел да воспостави поголема синергија меѓу институциите, да продуцира кадар кој ќе одговори на потребите наградежните компании, но и да ги следи најновите трендови и почитувањето на стандардите и одговорноста на сите учесници во планирањето, проектирањето и изведбата на објектите.

„Нам како градежни компании, за да реализираме одреден проект, неопходна ни е меѓусебната соработка со цел исполнување на законските стандарди, почнувајќи од образовен систем, формирање кадар, преку понатамошно изготвување проекти и нивна реализација. Втората фаза во делот на реализација на проектот е делот во кој се надоврзуваме со ИЗИИС, сè со цел квалитетна изработка на проектот и максимално постапување според проектната документација во текот на градењето“, рече Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при ССКМ.

Деканот на Градежниот факултет, Дарко Мославац истакна дека со Меморандумот за соработка се отвора дополнителна можност студентите да ја вршат праксата во реалниот сектор, додека директорот на ИЗИИС, Влатко Шешов, пак, потенцираше дека градежништвото има долги корени во нашата земја и дека успешната соработка треба да поттикне конкурентност и излегување на пазарите во светот, во регионот и во Европа.

„Ова е одлична основа да ги имплементираме нашите резултати, но и да ги подигнеме моменталните стандарди како за проектирање, така и за изведба, кои се малку застарени. Ние сме во период на имплементација на новите стандарди што ги налага ЕУ, како еврокодовите, кои се квалитетен чекор напред во подигнување на квалитетот на техничката регулатива за овој значаен сектор. Доколку се применуваат техничките стандарди онака како што се напишани, ќе има сеизмички стабилни и сигурни објекти. Токму затоа и се залагаме за доследна примена на стандардите“, рече Шешов.
 

Содржината е прочитана 105 пати.