Инфо

Со изградба на автопатот Скопје-Блаце, до Приштина ќе се патува за помалку од еден час

Во Секретаријатот за европски прашања беше одржан првиот министерски состанок на кој беше речено дека автопатското поврзување со Приштина претставува проект од исклучително значење за економско, социјално и културно поврзување на Република Македонија со регионот

среда, 04 април 2018

Проектот за изградба на патниот правец Скопје – Блаце беше тема на првиот министерски состанок со кој претседаваше вицепремиерот за европски прашања и координатор на проектот, Бујар Османи, а на кој присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министрите за финансии, Драган Тевдовски, за транспорт и врски, Горан Сугарески и за економија, Крешник Бектеши, како и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов и директорот на ЈП „Македонија пат“, Гајур Кадриу.

„Автопатското поврзување со Приштина претставува проект од исклучително значење за економското, социјалното и културното поврзување на Република Македонија со регионот. Во рамките на приоритетите на Владата за автопатско поврзување со соседните главни градови, изградбата на патниот правец Скопје - Блаце е еден од најзначајните проекти за поврзување со Република Косово, која е еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија“, рече Османи.

Тој информирал за напредокот на изградбата на автопатот од косовска страна до Приштина и предложил поблиска комуникација со инвеститорите на Косово за координација на активностите од двете страни на границата.

„Проектот Скопје-Блаце е комплексен проект со кој се предвидува изградба на патна инфраструктура по сложен терен на кој се предвидени неколку тунели и мостови, аквадукти и други придружни елементи. Со изградбата на овој автопат и негово поврзување со автопатот Приштина-Блаце, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од над два часа на помалку од еден час“, рекол вицепремиерот.

Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека на средбата биле усвоени повеќе заклучоци, меѓу кои и за итноста на реализацијата на средствата обезбедени од ИПА инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан“, со кој се одобрени и обезбедени 1,3 милиони евра за подготовка на неопходната документација за проектирање.

Поради стратешката важност и комплексноста на проектот, Владата формираше две работни групи, министерска и техничка работна група, во која членуваат технички лица и експерти од соодветните ресори.

 

Содржината е прочитана 79 пати.