Бизнис вести

Ќе се намали каматата на кредитите од Македонската банка за поддршка на развојот

Владата и МБПР ќе склучат анекс на договор со кој ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од 3 проценти фиксно годишно на 2 проценти, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до 8 отсто годишно на до 5 отсто годишно и ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од 8 на 10 години

среда, 04 април 2018

Ќе се намали каматната стапка на кредитите на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) и ќе се продолжи рокот на отплата. Владата вчера го усвои Полугодишниот извештај за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд, структурата по банки учеснички и состојбата на салдото и го овласти министерот за финансии, Драган Тевдовски со МБПР да потпише анекс на Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд од јануари 2011 година склучен меѓу Владата и МБПР.

„Со анекс на Договорот склучен со МБПР ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од 3 проценти фиксно годишно на 2 проценти фиксно годишно, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до 8 отсто годишно на до 5 отсто годишно, ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од 8 на 10 години и ќе се овозможи пласирање на кредити со намена и само за обртни средства со рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период до 6 месеци и со тоа ќе се обезбеди поголема поддршка на развојот од страна на Банката“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Истовремено, Владата ја задолжи МБПР да подготви стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање македонски компании, со поконкурентни цени и услуги, како и подобрување на условите за осигурување на извозот на македонски производи и во рок од 15 дена да ја достави до Владата.

 

Содржината е прочитана 94 пати.