Инфо

Со новиот Закон за енергетика ЕЛЕМ останува во сопственост на Владата, МЕПСО ќе биде под Министерството за транспорт, а МЕР под Министерството за економија

Во рок од 90 дена по стапувањето на сила на новиот закон ќе биде извршен избор на универзален снабдувач со електрична енерегија кој ќе ја гарантира цената на струјата за домаќинствата и ќе им продава струја на граѓаните кои не сакаат да купуваат струја од слободниот пазар

вторник, 03 април 2018

ЕЛЕМ ќе остане во сопственост на Владата, сопственик на МЕПСО ќе биде Министерството за транспорт и врски, а на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Министерството за економија. Ова е предвидено со новиот Закон за енергетика чиј Предлог наскоро ќе биде пуштен во собраниска процедура.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска, на заедничка прес конференција со министерот за економија, Крешник Бектеши појасни дека сопственик на енергетските компании до сега била Владата, но оти тоа се коси со новиот закон и со европските правила. Законот за енергетика е усогласен со пет европски директиви и три регулативи и овозможува целосна либерализација на енергетскиот сектор, односно, секој потрошувач по сопствен избор и со сопствено договарање да може да избере снабдувач со електрична енергија и гас.

Анѓушев појасни дека во рок од 90 дена по стапувањето на сила на новиот закон за енергетика ќе биде извршен избор на универзален снабдувач со електрична енерегија кој ќе ја гарантира цената на струјата за домаќинствата и ќе им продава струја на граѓаните кои не сакаат да купуваат струја од слободниот пазар. Вицепремиерот не очекува по целосната либерализација да порасне цената на струјата за граѓаните, за што, како што кажа, гарант е универзалниот снабдувач, како и одредбата во Законот да се субвенционира енергетската сиромаштија, но во субвенциите сега да се вклучат и стечајните работници и пензиониерите со пониски пензии.

„Универзален снабдувач ќе може да биде секој лиценциран трговец на електрична енергија кој ќе одлучи да формира таква компанија. Цената на струјата за домаќинствата е гарантирана со две работи. Прво, ЕЛЕМ во првата година со 80 отсто од своето производство ќе го снабдува универзалниот снабдувач со електрична енергија. Се воведува гарантирана цена на енергијата и дополнително се воведува процес на надминување на енергетска сиромаштија, кој ќе придонесе да се надминат состојбите“, рече Анѓушев.

Во план е во наредните години ЕЛЕМ да ги намалува количините на електрична енерегија наменети за универзалниот снабдувач на електрична енергија и до 2025 година да го сведе на 30 отсто.

Одговарајќи на прашање, Анѓушев појасни дека со посебен правилник во Законот ќе се регулира проблемот на исклучените од парно греење во Скопје и ќе се направи се за тие да не плаќаат за услуга што не ја добиваат.
 

Содржината е прочитана 113 пати.