Бизнис вести

Одбележан 2 април, Денот на буџетот

На денот кога во 1992 година беше донесен првиот буџет на независна Република Македонија, Министерството за финансии ја одржа Првата годишна конференција

вторник, 03 април 2018

Денот кога пред 26 години беше донесен првиот буџет на независна Република Македонија, 2 април е прогласен за Ден на буџетот. По тој повод вчера Министерството за финансии ја организираше првата годишна конференција, на која покрај премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски, се обрати и директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер.

„Одбележувањето на овој ден претставува силен државнички континуитет и оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките и објективните премрежја низ кои помина Република Македонија во изградбата на демократски институции“, рече Заев во своето обраќање и потенцираше дека Владата и натаму ќе се стреми буџетот да обезбедува услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот.

Премиерот истакна дека секој буџет ќе биде димензиониран така да ги обезбедува истовремено и основните функции на државата – непречена и навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери и други трансфери кон граѓаните, буџетските корисници и другите економски субјекти. Според Заев, транспарентноста на буџетот е фундаментална кога станува збор за одговорност на владата пред граѓаните.

„Кога ја формиравме актуелната Влада на Република Македонија се заложивме својата работа да ја темелиме на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции кои комуницираат и соработуваат со граѓаните. Ветивме дека буџетите ќе бидат подготвувани и носени во процес на широка јавна дебата и тоа пред да се влезе во владина постапка. За првпат објавивме Граѓански буџет, а исто така изработени се и Граѓански буџети на сите министерства за нивните поединечни буџети. Граѓански буџет беше објавен и за ребалансот на буџетот за 2017 година “, рече Заев.

Според Линда Ван Гелдер, Македонија може да заштеди 13 проценти од јавните финансии доколку го контролира трошењето, што значи да се стави под лупа секое трошење на народните пари.

„Сакам да истакнам колку е важно да се зголеми ефикасноста на јавните трошоци за да се направи економијата поконкурентна, а севкупниот квалитет на испорака на јавните услуги поефективен. Споредбата на фактичката потрошувачка со износот што е неопходен за да се постигне ист резултат покажува дека може да с епостгинат заштеди од над 13 проценти, а тоа е еднакво на вкупните капитални трошоци секоја година“, рече Ван Гелдер.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски истакна дека буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата и тој директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните.

„Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат, на пример, платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца, опремата што се користи во јавното здравство, поддршката за вработување што им се дава на невработените, социјалната помош, поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат, изградбата на канализации, училишта, болници, патишта, енергетски објекти. А од буџетот зависат и многу други работи кои имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија“, рече Тевдовски.

Осврнувајќи се на буџетот за 2018 година, за кој рече дека ги отсликува клучните приоритети на Владата: економскиот раст, подигнувањето на животниот стандард и социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ, Тевдовски посочи дека во иднина, во Македонија буџетот ќе се планира и на подолг период.

„За првпат од независноста Министерството за финансии има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па сè до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите“, рече Тевдовски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери истакна дека со носењето на првиот буџет на Република Македонија Македонија ѝ покажа на домашната, но и на меѓународната јавност и на меѓународните финансиски организации, дека како држава е способна да испланира и спроведе буџет без кој не може да се замисли ниту една функција на државата.

Првиот буџет на Република Македонија беше донесен на 2 април 1992 година. Го предложи тогашниот министер за финансии, Методија Тошевски во Владата што ја предводеше Никола Кљусев. Документот го потпишуваа тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов и претседателот, Киро Глигоров.
 

Содржината е прочитана 100 пати.