Здравје/ Убавина

Агенција „Марили“ го одржа 4. Тематски ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“

ЈЗУ Здравствен дом Прилеп ќе добие вкупно 3.125 евра собрани од донаторска аукција на слики што ги обезбеди Центарот за современа ликовна уметност, а се одржа на тематскиот ден

понеделник, 02 април 2018

Агенцијата „Марили“ го одржа традиционалниот, четври по ред тематски ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“. На настанот се одржа и хуманитарна аукција на слики на која беа собрани вкупно 3.125 евра. Средствата ќе бидат донирани на ЈЗУ Здравствен дом Прилеп.

„Пресреќна сум и презадоволна од висината на собраните средства. Здравствениот дом од Прилеп навистина има потреба од повеќе интервенции, како би се подобриле условите, пред се, за пациентите, но и за самите вработени. Ова е извонредна можност да се почне со реконструкција, а од каде и со што конкренто, дополнително ќе одлучиме“, изјави возбудено д-р Оливера Аџиоска, директорка на ЈЗУ Здравствен дом Прилеп, притоа заблагодарувајќи се на агенцијата „Марили“ за донацијата.

На аукцијата која предизвика огромен интерес беа понудени пет слики од македонски, српски и руски автори, што ги донираше Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп, како и една слика, дело на Георгина Чакар, наша сонародничка од Австралија.

Тематскиот ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“ агенцијата „Марили“ го посвети на жената, на нејзиниот животен стил, кариерата, личниот развој, но и на стремежот кон сопствената нега и убавина, кон одржување на здравјето и здравиот начин на исхрана. Имаше за цел да ги поврзе жените, да научат нешто ново, да разменат искуства, да се дружат.

Агенцијата „Марили“ се потруди потребата жената да биде едуцирана и информирана за сите нешта кои го чинат нејзиното секојдневие, да ја исполни со бројни предавања што токму на овие теми ги одржаа врвни стручњаци од различни области – од медицината, фармацијата, дерматологијата, козметологијата, здравата исхрана. На тематскиот ден говореа лекари, бизнисмени, нутриционисти и ескперти за кариера и личен развој. Сите тие пред бројна публика предаваа на теми што ги допираат сите жени. Говореа за ин витро зачнување и за емоционалниот аспект кај жената при вакво оплодување, за козметиката што помага на животот во движење, за продолжување на младоста и убавината, за здравата кожа, за новиот изглед на современата жена, за хроно исхраната , но и за жените во „машкиот“ професионален свет, за тремата како „пријател“ при некој настап и за тоа дека секој човек, свесно или несвесно патува низ животот.

Ексклузивна гостинка на тематскиот ден беше Јелена Бачиќ Алимпиќ, позната новинарка, ТВ водителка од Србија и еден од најчитаните автори на балканските простори, со која се дебатираше на тема „Што од денешен аспект претставува современата жена“.

Сите предавања беа интерактивни, а бројната публика имаше навистина голем број прашања упатени кон предавачите, но беа разменувани и сопствени искуства и размисли.

Тематскиот ден беше збогатен и со голем број штандови на кои беа изложени производи од областна на здравата исхрана, органската козметика, накит, книги... На крајот, беа извлечени и осум ексклузивни награди од интернет наградната игра што беше спроведена изминатите денови, а беа наменети, пред се, за современата жена.

 

Содржината е прочитана 434 пати.