Бизнис вести

Агенцијата „Марили“ ги врачи признанијата на 10 најуспешни жени менаџери за 2017 година во Македонија

„Годинашните лауреатки кои доаѓаат од успешни компании од различни области и дејности од целата држава треба да бидат поттик за младите генерации жени кои се едуцирани и влегуваат во бизнис водите за да остваруваат високи резултати на менаџерски и лидерски позиции“, рече Лидија Трипуновска, генерален менаџер на „Марили“, во обраќањето на свеченоста

петок, 30 март 2018

Агенцијата „Марили“ вчера свечено ги додели признанијата на десетте најуспешни жени менаџери за 2017 година во Република Македонија. Во присуство на голем број гости, соработници, пријатели, пред министрите за труд и социјална политика и за здравство, Мила Царовска и Венко Филипче, амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец десет бизнисменки од исто толку успешни компании од различни области и дејности од целата држава имаа можност накратко да ги раскажат сопствените професионални приказни од своите работни, но и општествени средини каде што жената менаџер е добро прифатена, a благодарение на кои се најдоа во најтесниот избор на најуспешни. 

Годинашната „Топ 10-ка“ ја сочинуваат: Александра Аргир, менаџер за човечки ресурси во Пивара Скопје АД, Горица Дачевска, генерален менаџер, ПЗУ „Д-р Горица“-Скопје, Ирена Јакимовска, генерален менаџер „КОМФИ АНГЕЛ“ ДОО-Прилеп, Пенка Мукаетова, генерален менаџер „КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП“-Кавадарци, Јана Јанеска Ристески-генерален менаџер Центар за современа уметност-Прилеп, Слаѓана Стаменкова, генерален менаџер „ЕЛИТ ТРАВЕЛ“-Скопје,, Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика „Витаминка“-Прилеп, Елена Табаковска, директор „ФАРМАГЕН увоз-извоз“ДООЕЛ-Скопје, Лидија Таскова-Попова, генерален менаџер ЕСП-Развој и управување со човечки ресурси-Скопје и м-р Магдалена Трајковска Трпевска, генерален менаџер „ТЕХНОЛАБ“ ДОО-Скопје.


 „И оваа година пловевме низ бурните бизнис води и ги запознавме импресивните приказни на успешните жени менаџери. Се запознавме со нивните амбиции, идеи, планови, со нивните тимови, со катадневната битка за пласман и профит за високи резултати и со креативноста што ја внесуваат во своите проекти и дојдовме до вечерашната ‘Топ 10-ка’ на најуспешни жени менаџери - лауреатки на кои им оддаваме почит и признание“, рече Лидија Трипуновска, генерален менаџер на агенција „Марили“ во своето обраќање кон присутните гости. 

 Откривајќи дека станува збор за одлични карактери, а пред се, за високи професионалци, Трипуновска потенцираше дека овие менаџерки треба да претставуваат поттик за младите генерации жени кои се едуцирани и влегуваат во бизнис водите за да остваруваат високи резултати на менаџерски и лидерски позиции.

Оваа Топ 10-ка е дел од МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ, кој што ги поддржува сите жени менаџери од досегашните избори кои взаемно соработуваат, разменуваат идеи и искуства, но работат и на проекти. А, еден таков проект ќе имаме веќе во сабота, на 31 март, кога во рамките на тематскиот ден ‘ДАМА-ДА- Здравјето и убавината во функција на современата жена’ ќе направиме хуманитарна аукција на слики и собраните средства ќе ги донираме во ЈЗУ Здравствен дом Прилеп“, рече Трипуновска.

Повеќе од две децении е долга традицијата на избор на 10 најуспешни жени менаџери од Република Македонија, што го организира агенцијата „Марили“. Всушност, точно 22 години „Марили“ е дел од женскиот активизам и исто толку време неуморно се бори и придонесува за бизнис менаџирањето во државата. Сепак, родовата еднаквост на секое поле во општественото живеење бара и поголема поддршка во општеството, можности да се помогне во менаџирањето, но и да се зголеми самодовербата кај жените дека тие можат и умеат. А, дека „борбата“ на „Марили“ не е залудна, покажува и поддршката и посветеноста на државата за родовата еднаквост и развој на женскиот активизам.

„За оваа Влада родовата еднаквост не е само женско прашање, туку голем фактор во развојот на општеството. Македонија никогаш повеќе од сега не била посветена на подобрување на улогата на жената во општеството. Јас се радувам кога гледам се повеќе жени на важни позиции во судството, медиумите и бизнисот. Секоја од нив има можност да ја претставува успешната жена и да придонесе во разбивање на стереотипите кои, за жал, се уште се многу присутни во нашето општество“, рече министерката Мила Царовска честитајќи им на лауреатките и заблагодарувајќи ѝ се на агенцијата „Марили“ за долгогодишната успешна приказна во промоцијата на жената бизнисменка, менаџер, претприемач.

Патот до успехот не секогаш е лесен, почесто е трнлив и полн со препреки. Како што рече една од лауреатките: „не е лесно да се биде успешен менаџер, оти неуспехот е индивидуален, а успехот и позитивните резултати се заеднички“. Токму затоа, покрај многу работа жените треба да имаат и голема храброст. Но, неопходни се и поттик и охрабрување. А, „Марили“ несомнено има една од водечките улоги на тоа поле и успева, како дел од женскиот активизам да даде огромен придонес во бизнис менаџирањето во Македонија.

 

Содржината е прочитана 2120 пати.