Инфо

Заев: „Време е за конкретни практики за родова еднаквост во буџетирањето“

Премиерот се сретна со претставнички од телото на ОН за родова еднаквост при што истакна дека Владата има отворена волја да го унапреди механизмот на планирање на буџетските политики

четврток, 29 март 2018

Премиерот Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за финансии, Драган Тевдовски оствари средба со претставнички од телото на Обединетите Нации (ОН) за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women), соопштуваат од Владата.

Во текот на средбата беше разговарано за важноста на прашањата поврзани со родовата еднаквост при креирањето на Буџетот и за чекорите што треба да се преземат со цел планирањето на програмите и јавните финансии да одговори на потребите на жените и на мажите. Притоа премиерот истакна дека по однос на ова прашање веќе е време да се зборува за конкретни практики, а не само за теоретски решенија.

Потенцирајќи ја отвореноста и волјата на Владата за подобрување на родовата еднаквост во државата, Заев истакна дека Владата прави напори за напредок во областа на родовата еднаквост и правата на жените.

Македонските министри со претставничките на телото за родова еднаквост при ОН, разменија конкретни предлог-решенија како да се воспостави траен линк помеѓу родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, преку алокација на неопходните ресурси за негова имплементација. Исто така, беа разгледани и можности за спроведување родови анализи како инструмент за подобрување на потребите на мажите и жените при креирањето на буџетските политики на земјата.

На средбата, премиерот Заев и министрите истакнаа дека Владата има отворена волја да го унапреди механизмот на планирање на буџетските политики и во соработка со ОН да се изнајдат ефикасни алатки со кои родовата компонента успешно би се инкорпорирала во стратешкото планирање на Буџетот на Република Македонија.
 

Содржината е прочитана 123 пати.