Инфо

ЈСП доби автобус на гас Мерцедес на пробно користење

Автобусот што ќе се користи два месеци и ќе вози на линијата број „5“ е со капацитет од 96 патници, односно 155 патници колку што собира зглобниот

среда, 28 март 2018

Град Скопје денеска потпиша договор со „Мак Аутостар“ за привремено отстапување на автобус „Мерцедес бенз цитаро Ц2 С3“ на гас. Автобусот ќе се користи два месеца и ќе сообраќа на линија со број „5“.

Новиот пробен автобус чини 220.000 евра и е со капацитет од 92 и 96 патници, а зглобниот со 155 патници. Има систем за автоматско „клекнување” на возилото на постојки, сензори за светло и за дожд, приклучоци за полнење мобилни телефони, како и видеокамери за да се следи делот кај возачот и делот за евиденција на билетите.

Споредбено со потрошувачката на дизел автобусите што сега ги користи ЈСП, овој автобус троши 50 проценти помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на претпријатието. Сепак, најголемата предност е што испушта помалку издувни гасови од еуро 6 моторите.

„Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните. За таа цел потпишавме договор со ‘Мак аутостар’ за пробно користење автобус на гас од производителот ‘Мерцедес бенз’, за период од два месеци. Автобусот е направен по последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов

Директорот на продажба во „Мак Аутостар“, Михаило Зографски појасни дека нивните претпоставки покажале дека ако автобусите што сега ги користи ЈСП годишно трошат од 25.000 до 26.000 евра, додека овој автобус ќе потроши 50 проценти помалку, односно околу 13.000 евра годишно.

Вакви автобуси на Мерцедес се користат во Берлин, Лондон, Париз, Виена и Букурешт.

Град Скопје веќе има потпишано договор со компанијата „Chariot Motors“ за пробно користење автобус на електричен погон во период од шест месеци, што треба да биде ставен во функција во април и ќе сообраќа на линијата со број „15“. Градот ќе направи уште неколку вакви договори за пробни возења и со други производители.

„Ова се одлични можности што ќе не збогатат со нови искуства што ќе може да ги користиме во планирањата на модернизацијата на градскиот превоз и избирање најоптимално решение. Наша заложба е креирање јавен транспорт што е економски ефикасен и кој не го загадува воздухот“, потенцираше Шилегов.

Директорот на ЈСП, Кристијан Чушков рече дека во претпријатето недостасуваат 30 до 40 автобуси. Појасни дека во моментов се користат автобуси стари седум години чие одржување станува се потешко, бидејќи се работи за кинески автобуси за кои е проблематична набавката на резервните делови.
 

Содржината е прочитана 174 пати.