Инфо

Пензионерите ќе добијат за 1,69 проценти зголемени пензии

Процентот на зголемување ќе важи ретроактивно за јануари, февруари и за март и ќе ставен во мартовската пензија што ќе се исплати во април

среда, 28 март 2018

Пензиите за март што пензионерите ќе ги добијат во април ќе бидат покачени за 1,69 проценти. Овој процент на зголемување на пензиите ќе се исплати ретроактивно за јануари, февруари и март годинава, исто така со мартовската пензија.

Зголемувањето е согласно законското усогласување на пензијата според движењето на индексот на трошоците на животот.

„Усогласувањето на пензиите се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според оваа одредба, усогласувањето на пензијата се врши согласно движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50 проценти“, велат за МИА од Министерството за труд и социјална политика.

Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во државата во претходното полугодие.

Минатата година пензиите се усогласиле согласно законската одредба два пати годишно и вкупното усогласување изнесуваше 1,58 проценти.
 

Содржината е прочитана 111 пати.