Бизнис вести

Владата го раскина договорот за рудникот „Kазандол“, украинската амбасадорка предупреди на големи последици

Според премиерот Зоран Заев концесионерот за период од две години од денот на доделување на концесијата не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 проценти од експлоатираната руда, како што било пропишано со договорот

среда, 28 март 2018

Владата еднострано го раскина договорот за концесија за експлоатација на бакар од локалитетот Казандол, бидејќи, како што рече премиерот Зоран Заев, концесионерот - украинската компанија „Сардич МЦ“ ги пречекорил роковите определени со договорот склучен од 2015 година.

„За период од две години од денот на доделување на концесијата не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 проценти од експлоатираната руда. Предвидениот рок од две години, според член 13, став 1 е суштинска состојка на договорот, бидејќи е даден како услов во јавниот повик и тендерската документација. Ваквите посебни услови се сериозно прекршување на договорот. Се работи за суштествена повреда, правото на компанијата постои и ние од секој аспект ги разгледавме сите работи“, рече Заев и потенцираше дека ако Македонија не го раскине договорот заради пробиени рокови, ќе реагирале останатите инвеститори заинтересирни за овој локалитет и може државата да биде тужена од секој потенцијален концесионер којшто би можел да ја земе самата концесија.

Концесионерот „Сардич МЦ“, пак, реагираше дека не постои основ за еднострано раскинување на договорот и тврди дека се исполнети сите членови од договорот. Од украинската компанија укажаа дека ваквиот чекор на македонската влада ќе предизвика сериозни финансиски импликации, бидејќи ќе треба нашата држава да плати отштета од 380 милиони евра. Оттаму најавија тужба пред арбитражниот суд во Вашингтон.

„Доколку Владата одлучи еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација, без да бидат исполнети условите за еднострано раскинување, инвеститорите ќе бидат принудени да поведат спор против Македонија пред Меѓународната арбитража за решавање на инвестициски спорови во Вашингтон, САД, со барање за надомест на штета од најмалку 380 милиони евра“, се вели во сопопштението на правниот застапник на „Сардич МЦ“.

Реакција стигна и од Амбасадата на Украина во Македонија. Украинската амбасадорка, Наталија Задорожнјук со писмо му се обратила на премиерот Зоран Заев, во кое му укажува дека едностраното раскинување на договорот за Казандол со украинската фирма „Сардич МЦ“, ќе има сериозни финансиски последици за двете страни. Таа предупредува дека тоа не е во согласност со стратегиската определба на двете заемји за заштита на странските инвестиции. Потсетувајќи дека меѓу Македонија и Украина постои Спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите, таа укажува дека ниту Амбасадата, ниту инвеститорот „Сардич МЦ“ биле писмено известени дека постои спор.

„Во согласност со чл.8 од Спогодбата, би Ве замолиле, почитуван Претседател, да им наложите на надлежните органи на Република Македонија официјално да ја информираат Амбасадата на Украина за состојбата со украинскиот инвеститор ‘Сардич МЦ’ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје. Информацијата добиена од Владата на Република Македонија ќе биде официјално доставена до Владата на Украина“ се вели во писмото од Задорожнјук до Заев.
 

Содржината е прочитана 93 пати.