Инфо

И Општина Кисела Вода ќе го мери загадувањето

Годинава треба да бидат набавени два мобилни мерачи, едниот за квалитетот на воздухот, другиот за бучавата

понеделник, 26 март 2018

Загадувањето на воздухот ќе се мери и на територијата на општина Кисела Вода. Општината планира годинава да набави два мобилни мерачи, едниот за квалитетот на воздухот и другиот за бучавоста.

„Оваа набавка е велезена во буџетската програма за 2018 година и се надевам дека во поскоро време ќе ги завршиме сите технички работи што ни се потребни за да ги набавиме тие два апарата“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски во интервју за МИА.

Посочува дека се контролираат големите индустриски капацитети лоцирани на територијата на општината и од страна Министерството за животна средина и просторно планирање и од страна на општинскиот инспектор.

Во Кисела Вода, како што истакнува, недостасуваат вработени во Секторот за инспекциски работи, каде има 12 луѓе заедно со комуналните редари, а Општината ги покрива и Сопиште, Студеничани и Зелениково.

„Имаме само двајца градежни инспектори, еден за екологија и еден за домување“, вели Темелковски и додава дека во делот на заштита на животната средина од Министерството за животна средина и просторно планирање добиле информации дека се обезбедени средства и за чистење на малата депонија со линдан од „Охис“.

„Во ‘Охис’ има останати уште многу хемикалии, познати и непознати, треба да се исчистат. Јас имав средба со стечајниот управник при што ми беше кажано дека во текот на годината треба тоа да се исчисти за да се продаде“, вели Темелковски.
 

Содржината е прочитана 74 пати.