Бизнис вести

Просечната плата повисока за 1.275 денари, најголемо зголемување има кај текстилците

Во јануари годинава просечната нето плата во Македонија изнесувала 24.025 денари, што е зголемување за 5,6 отсто во однос на истиот месец лани

понеделник, 26 март 2018

За прв пат просечната нето плата во Македонија во јануари годинава е над 24.000 денари, поточно 24.025 денари, што претставува зголемување за 5,6 отсто во однос на истиот месец минатата година, се пофали министерот за финансии, Драган Тевдовски и посочи дека просечниот Македононец во јануари заработил 1.275 денари повеќе од лани.

Најмногу се офајдиле текстилците. Тевдовски истакна дека многу е важно што има пораст на платите во текстилната индустрија, индустријата за производство на облека и производство на кожа, каде што претходно постоеше второ пониско ниво на минимална плата. Во минатото постоеја две нивоа на минимална плата: 9.000 денари за индустриите за текстил, облека и кожа, и 10.080 денари за сите други. Сега, минималната плата е 12.000 денари и важи за сите.

„Во кожарството просечната плата бележи раст од 2.171 денар, или 19 отсто повеќе отколку во јаунари 2017 година, во производството на облека растот е 2.069 денари, што е раст од 16 проценти. Во текстилната индустрија платата расте за 24 проценти, односно за 3.870 денари. Постојат позитивни економски движења не само кај платите, туку и кај редица други индикатори “, рече Тевдовски.

Министерот појасни дека над 90.000 граѓани со низок доход примаат повисока плата благодарение на оваа мерка.

„Ние силно веруваме дека спиралата на платите ќе продолжи во иднина и дека платите ќе растат. Тука сакам да дадам поддршка и поттик и за компаниите кои исплатија повисоки плати и со тоа ја поддржаа оваа наша заедничка борба за повисок животен стандард на граѓаните во Македонија. Со ова покажуваме дека сериозно работиме на создавање можности за раст на платите, за водење бизнис во Македонија, но и на намалување на нееднаквоста помеѓу граѓаните“, рече Тевдовски.

Сепак, опозицијата не се согласува со ваквите ставови. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека манипулира со бројки. Според опозицијата нема пораст на платите во Македонија, туку има само промена на методот на прибирање на податоците за плата. Во буџетот во јануари се собрани нешто над 16 милиони евра по основ на персонален данок, исто колку и лани, вели опозицијата.

Но, министерот Тевдовски тврди дека персоналецот од плата е зголемен, а има намалување кај приходите од договорите за дело.

„Персоналниот данок на доход, освен даноци од плати содржи и данок на договори на дело, кирии, игри на среќа и слично. Ако се гледаат само приходите на персонален данок по плати во јануари 2018 година, тие се за 4,7 отсто повисоки од јануари лани. Во февруари приходите по персонален данок на доход имаат раст од 8, а придонесите од 6 проценти“, рече Тевдовски.
 

Содржината е прочитана 145 пати.