Инфо

Барања за земјоделски субвенции се поднесуваат до 15 мај

Според програмата за 2018 година Агенцијата има на располагање 6,2 милијарди денари кои се наменети за директни плаќања.

петок, 23 март 2018

Земјоделските стопанства до 16 мај ќе можат да поднесуваат барања за субвенции за 2018 година, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Во овој период ќе се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади и за сточарско производство и тоа за одгледување говеда, овци, кози, пчели, свињи, живина и за заклани животни во кланици“, рече на денешната прес-конференција в. д. директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.

Тој информира дека барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели, со состојба на 15 март 2018 година.

Барањата за мерките од сточарското производство за говеда, овци, кози и пчели се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето.

„Апелираме до земјоделските стопанства, доколку има било какви промени настанати во меѓувреме, во периодот од 15 мај до 15 јуни, во тие дополнителни законски 30 дена, да се обратат до подрачните единици на МЗШВ и да можат да ги внесат корекциите“, рече Бабовски.

Според програмата за 2018 година Агенцијата има на располагање 6,2 милијарди денари кои се наменети за директни плаќања.

Барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно од барателите.
Агенцијата на својата веб-страница www.ipardpa.gov.mk ги објави упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде ќе може да поставуваат прашања за поднесување на барањата.

Преземено од МИА

 

Содржината е прочитана 88 пати.