Инфо

Македонија ќе ја подобрува животната средина со четири регионални депонии и преку организиран систем за прочистивање на отпадните води

На меѓународната научна конференција „GREDIT 2018“ што се одржува во организација на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА) е потенцирана важноста на зелените пристапи при управување со животната средина, преку планирање и искористување на еколошките технологии и системи во одржливите Зелени инфраструктури

петок, 23 март 2018

Со отворање четири регионални депонии за собирање и преработка на сметот и со организиран систем за прочистување на отпадните води, за што се планира да се пренаменат околу 40 милиони евра што беа предвидени за изградба на карго аеродром во Штип, Македонија ќе ја подобрува животната средина прилагодувајќи се на новите технологии.

„Во светот кој брзо се менува Македонија мора постојано да биде во тек со новите технологии и иновации, во секоја област, па и во екологијата и заштитата на животната средина, кои се високо во агендата на Владата. Во наредниот период ќе се реализираат проекти со кои ќе се овозможи поздрава животна средина и подобар живот за македонските граѓани. Прв чекор е да се реши проблемот со дивите, но и со организираните депонии. Во Владата се договоривме за организиран, регионален пристап кон овој проблем и затоа ќе отвориме четири регионални депонии за собирање и преработка на сметот. Втор чекор е решавање на проблемот со отпадните води кои треба да се соберат во организиран канализационен систем и да бидат прочистени пред да се пуштат во природните води. Средствата кои беа планирани за изградба на карго-аеродром во близина на Штип, околу 40 милиони евра, за кој нема финансиска исплатливост, ќе гледаме да ги пренамениме токму за овој проект“, рече Анѓушев на отворањето на дводневната меѓународна научна конференција „GREDIT 2018“ што се одржува во организација на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА).

Конференцијата на која ќе бидат презентирани преку 150 научни трудови на научници од 20 држави има за цел потенцирање на важноста на зелените пристапи при управување со животната средина, преку планирање и искористување на еколошките технологии и системи во одржливите Зелени инфраструктури.

„Како одговорни членови на нашите заедници, препознаваме и разбираме дека наша е одговорноста да ги вложиме сите напори за постигнување одржлив развој за нашите идни генерации. Плодовите на развојот, како што се модерните услови за живеење или практичните секојдневни добра, можеби сега се ‘слатки’, но најверојатно ќе станат ‘кисели’ доколку продолжиме да ги деградираме животната средина и природните ресурси, како што се квалитетот на воздухот, водата и почвата. Продолжување на квалитетот на она што го имаме е голем предизвик за нашите заедници во однос на идните генерации. Затоа, наша апсолутна обврска е да ставиме акцент на критериумите за одржливост во сите претстојни напори за развој“, рече Џанер Занбак, потпретседател на БЕНА.
 

Содржината е прочитана 82 пати.