Инфо

Министерството за труд и социјала работи на планот за стабилизација на пензискиот фонд

Министерската Мила Царовска убедува дека пензиите се стабилни и безбедни за сегашните пензионери, а оти во моментот се прават проценки како да се обезбеди стабилност за сите идни пензионери

четврток, 22 март 2018

Пензионерите не треба да стравуваат за своите пензии, бидејќи тие се стабилни и безбедни, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за повикот за пријавување на лицата без лични документи.

„Пензиите се стабилни и безбедни за сегашните пензионери. Во моментот правиме проценки како сите ние идни пензионери да имаме стабилни и безбедни пензии. Така што нема никаква паника околу тоа, но си земаме време да направиме детални анализи и проекции“, изјави Царовска.

Таа појасни дека Министерството за труд и социјална политика сѐ уште работи на планот за стабилизација на Фондот за пензиско осигурување на Македонија. Целта е да се затвори дупката во касата на Фондот и да се намали висината на средствата што ги уплаќа државата за да се овозможи редовна исплата на пензиите. Истовремено и да се обезбеди долгорочно решение за пензискиот фонд.

Царовска посочи дека се консултираат и со меѓународните финансиски институции, но и оти Министерството по прв пат има ангажирано актуар, за да може да се направат долгорочни проценки.

„Кога чепкате во пензиски систем, не само што чепкате во моментот, туку тоа дава долгорочни последици. Многу е важно дека ние сега нема да одиме со популистички мерки, затоа што 11 години бевме сведоци како се намалуваше стапката на придонес, се зголемуваа пензиите и дојдовме до ваква ситуација во ПИОМ“, рече Царовска и додаде дека во реформата влегува и бенефицираниот стаж и предвременото пензионирање и стабилизација на ПИОМ, бидејќи тоа мора да биде пакет.
 

Содржината е прочитана 102 пати.