Бизнис вести

Швајцарскиот инвестициски фонд ги продаде сите свои акции во Комерцијална банка

Во завчерашната блок трансакција истргувани се вкупно 298.003 акции по цена од 3.750 денари од акција, во вкупна вредност од 1.117.511.250 денари, или околу 18,1 милиони евра. Акциите ги купија „Адора Инженеринг“, „Гранит“ АД Скопје, „ИГМ-Трејд“ и „Индустри Сервис“ ДОО Скопје

четврток, 22 март 2018

Швајцарскиот инвестициски фонд „Ист капитал експлорер инвестментс АБ“ заедно со поврзаното друштво „Салинк лимитед“ ги продаде сите акции што ги поседуваше во Комерцијална банка АД Скопје. Во завчерашната блок трансакција истргувани се вкупно 298.003 акции по цена од 3.750 денари од акција, во вкупна вредност од 1.117.511.250 денари, или околу 18,1 милиони евра.

„Досегашниот акционер со квалификувано учество ‘Ист капитал експлорер инвестментс АБ’ и неговото поврзано лице ‘Салинк лимитед’ изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во Банката, односно 298.003 акции, што претставува 13,076 проценти учество во вкупниот број акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје“ соопшти Банката

Акциите ги купија „Адора Инженеринг“, „Гранит“ АД Скопје, „ИГМ-Трејд“ и „Индустри Сервис“ ДОО Скопје.

Најголемата македонска градежна компанија „Гранит“ купи 113.700 акции со право на глас, што е 4,99 отсто од акциите на Комерцијална банка, за што вложи 426,4 милиони денари, односно 7 милиони евра.

Инаку, швајцарскиот фонд „Ист капитал експлорер инвестментс АБ“ стана најголем акционер во Комерцијална банка АД Скопје во 2010 година при нејзина докапитализација со 800 милиони денари или 13 милиони евра. Фондот тогаш плати по 3.500 денари за секоја акција со право на глас во негова сопственост.
 

Содржината е прочитана 148 пати.