Инфо

Новиот краен рок за автопатот Кичево – Охрид е 30 јуни 2021 година

Потребата за продолжување на крајниот рок за доизградба на овој капитален објект е наметната поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и со променливиот геолошки состав на теренот кој не одговара со она што било предвидено во проектот

среда, 21 март 2018

Автопатот Кичево – Охрид треба да биде целосно завршен до 30 јуни 2021 година, до кога е крајниот рок предвиден со Анексот на договорот за изградба на оваа делница. Тоа значи за 3,5 години е пролонгирана реализацијата на овој капитален проект.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска појасни дека одлуката за склучување на Анекс договорот е на барање на надзорниот орган на проектот, а потребата за продолжување на крајниот рок е наметната поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и со променливиот геолошки состав на земјиштето кој не одговара со она што било предвидено во проектот.

„Поради тоа е потребно препроектирање на тунелското решение на сите усеци, на повеќе вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, натпатници, потпатници, плочести и цевасти пропусти, потоа комплетна проектна документација за девет клучки, како и изработка на проектна документација за позиции што не биле предвидени во основниот проект, а морале да се предвидат заради неопходно и правилно функционирање на автопатот. Сето ова предизвикува дополнителни и нови работи, а со тоа и зголемен обем на работа кој суштински влијае врз продолжување на рокот, но и значителни финансиски импликации во конечната вредност на автопатот“, рече Сугарески и нагласи дека овој анекс се однесува само за рокот за изградба, а не и за дополнителните финансиските средства, за кои се уште се прават сеопфатни анализи за да се утврди нивната висина.

Министерот истакна дека прво треба да се изврши допроектирање на сите работи, а потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот. Тој потенцираше дека овој автопат е од главен интерес за државата поради што неговата изградба мора да продолжи, особено што е веќе изграден во голем процент. Според Сугарески доколку констатираните пропусти биле воочени навреме и отстранети уште на стартот, автопатот би чинел многу поевтино.

Првичниот договор постигнат со кинеската компанија „Синохидро“ предвидуваше изградбата да чини 374 милиони евра, а автопатот требаше да биде завршен во јануари 2018. Сега, освен за 3,5 години пролонгираната изградба, доколку се исполнат барањата на Кинезите, ќе бидат потребни дополнителни 145 милиони евра за довршување на автопатот, со што крајната вредност на проектот би надминала половина милијарда евра.

Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид се очекува да влезе во собраниска процедура и да биде донесен во скратена постапка.
 

Содржината е прочитана 87 пати.