Инфо

Заврши откупот на тутунот, откупени 23.559.122 килограми тутун со највисока просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм

Откупени се 2.447.601 килограми тутун од типот „Јака“ со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот „Прилеп“ 21.111.455 килограми со просечна цена од 218,14 денари за килограм. Откупеиот тутун е целосно исплатен

среда, 21 март 2018

Заврши откупот на тутунот од реколтата 2017. Откупени се вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм. Од откупениот тутун, од типот „Јака“ се откупени 2.447.601 килограми со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот „Прилеп“ - 21.111.455 килограми со просечна откупна цена од 218,14 денари за килограм.

Од Владата информираат дека откупот е завршен во законски предвидениот рок, а откупениот тутун е исплатен во целост.

„Откупот почна на 15 ноември лани, а заврши на 15 март 2018 година. Од регистрираните 9 откупни компании, на терен откуп вршеа 8 претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење откуп поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупната договорена и откупена количина тутун од тековната реколта. Од страна на откупните тутунски претпријатија по општини и населени места пријавени се вкупно 146 откупни пунктови и тоа за редовен откуп на суров тутун во лист од реколта 2017 година“, информираат од Владата.

Оттаму појаснуваат дека согласно со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, воведен е нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017. Тоа значи дека субвенцијата за прва класа тутун изнесува 80 денари за килограм, и тоа претставува првото ниво, за втора класа е 70 денари, а за третото ниво 60 денари субвенција за тутун од трета и од четврта класа, како и за дополнителните класи.

„Воедно наскоро се очекува да се донесе и новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој се укинува поднесувањето на евидентните листови“, велат од Владата.
 

Содржината е прочитана 95 пати.