Инфо

Околу 1,4 милиони евра Општина Центар ќе пренамени за капитални проекти

Се работи за останати неискористени средства што како капитални дотации биле префрлени на сметка на Општината од Буџетот, а биле наменети за изградба на фонтани, спомен обележја, летниковец, колонада, постаменти за споменици и скулптури од проектот „Скопје 2014“

среда, 21 март 2018

Околу 1,4 милиони евра неискористени пари од Буџетот, наместо за фонтани и споменици, Општина Центар ќе ги искористи за капитални проекти.

На барање на Општината, Владата ја усвои Информацијата за измена и дополнување на намената на одобрени, а неискористени средства од Буџетот.

„Во периодот од 2007 до 2013 година како капитални дотации од Буџетот на сметката на Општина Центар биле префрлени 3,5 милијарди денари за изградба на фонтани, спомен обележја, летниковец, колонада, постаменти за споменици и скулптури од проектот ‘Скопје 2014’. Потрошени се 3.463.845.343 денари, а нереализираните средства изнесуваат 83.544.657 денари, кои Општина Центар ќе ги искористи за капитални проекти“, информираат од Општината.

Оттаму појаснуваат дека со овие пари ќе се платат доспеаните обврски за изградба на мостови и катна гаража, обврските од судските спорови од време кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, а дел од средствата ќе бидат пренаменети и за изградба и реконструкција на друга инфраструктура согласно Програмата за уредување на градежно земјиште на општина Центар.
 

Содржината е прочитана 85 пати.