Инфо

Продолжен рокот за доизградба на автопатот Кичево - Охрид

Владата го прифати Анексот бр.1 кон договорот за продолжување на рокот за изградба помеѓу ЈП за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“, со што вредноста на проектот ќе надмине половина милијарда евра

среда, 21 март 2018

И официјално е продолжен рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Владата на вчерашната седница го прифати текстот на Анекс бр.1 кон Договорот за изградба на патната делница Кичево-Охрид за продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“.

„Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од донесување закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево - Охрид, и го разгледа и го прифати текстот на Анексот бр.1 кон Договорот за изградба на патната делница Кичево - Охрид заради продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и ‘Sinohydro Corporation Limited’, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Засега се уште не е точно јасно за колку ќе биде продолжен рокот за завршување на работите, иако неофицијално се зборуваше дека тоа ќе биде три години. „Синохидро“ бараше дополнителни 145 милиони евра за да ја продолжи изградбата која беше стопирана поради грешка во трасирањето. Владата беше ставена во исклучително тешка ситуација да избере една од двете неповолни опции што кинеската компанија им ги постави на домашните подизведувачи, или да го раскине договорот или да го продолжи, за што треба да издвои дополнителни средства. Ја избра втората и ќе потпише анекс за нов рок.

Како што е познато, овој автопат почна да се гради во 2014 година и веќе требаше да биде завршен, поточно крајниот рок беше јануари оваа година. Договорот чинеше 373 милиони евра. Но сега со дополнителните средства што ги бараат Кинезите, вредноста на проектот ќе надмине половина милијарда евра.
 

Содржината е прочитана 74 пати.