Инфо

Самохраните родители со ниски примања нема да плаќаат градинка

Од денеска сите самохрани родители кои имаат плата и месечни приходи во износ до минималната плата, ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата за сместување дете во градинка

вторник, 20 март 2018

Од денеска сите самохрани родители кои имаат плата и месечни приходи во износ до минималната плата, ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата за сместување дете во детска градинка, соопштија денеска од Министерството за труд и социјална политика.

„Ги известуваме јавните установи за деца – детските градинки и сите самохрани родители кои ги исполнуваат законските услови за остварување на правото на партиципација, да поднесат барање со потребната документација, наведена во Правилникот, до јавната установа за деца во која детето престојува, односно е згрижено, за остварување на правото на партиципација“, се вели во соопштението од Министерството.

Согласно со заложбите за поддршка на самохраните родители, министерката Мила Царовска го измени Правилникот за условите, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца. Според изменетиот Правилник, правото на партиципација се остварува за дете од семејство на самохран родител (aко еден од родителите е починат, или не е познат, или му е одземено родителското право, или ако од други причини едниот родител е спречен да го врши родителското право), со плата и други месечни приходи во износ до минималната плата утврдена со закон.

Правилникот денеска е објавен во Службен весник и на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика, што значи дека стапува во сила веднаш.
 

Содржината е прочитана 59 пати.