Инфо

Забраната за дотур на стока до 18 часот во центарот на Скопје ќе важи цела година

Возилата нема да смеат да истовараат стока од улица и од тротоар во период од 7,30 до 18 часот

вторник, 20 март 2018

Времената забрана за запирање на возилата за доставување стока во централното подрачје на Скопје во периодот од 7,30 до 18 часот, станува трајна, што значи дека забраната за дотур на стока во центарот на главниот град до 18 часот ќе важи цела година.

Советот на Град Скопје на вчерашната седница ја усвои одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување стока на подрачјето на Скопје, што беше донесена во јануари, а со која се воведе забраната за дотур на стока од 7,30 до 18 часот и која требаше да важи до 31 март. Забраната, всушност, беше една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот, а беше предвидена и со „Препораките на Интервентната акциска група за итните мерки против загадување на воздухот“ донесена на ден 15.12.2017 година од Владата.

По предлог на градоначалникот Петре Шилегов, градските советници ја усвоија одлуката со која возилата и камионите на дистрибутерите нема да смеат во период од 7,30 до 18 часот да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и тротоари, туку само доколку се паркираат на паркинзи. Забраната не се однесува за фирмите кои имаат обезбеден простор за дотур на стока.

„Изминатиот период се покажа дека поради мерката не пропадна ниту една фирма за дистрибуција или дуќан. Секторот за сообраќај ќе изврши усогласување на издадените одобренија на фирмите, односно ќе се повлечат старите и ќе се издадат нови решенија во согласност со одредбите на одлуката во рок од 8 дена од стапување на сила“, рече Шилегов.

Оние дистрибутери кои нема да ја почитуваат забраната ќе бидат казнети. Доколку истовараат стока од улица, казната изнесува 45 евра, а ако се паркирани на тротоар и таму вршат истовар, висината на казната изнесува 150 евра.

Забраната за дотур на стока важи за потесното градско подрачје кое е опфатено со следните сообраќајници: бул. „Илинден“ (од ул. „Рузвелтова“ до бул.„Гоце Делчев“), бул. „Гоце Делчев“ (од бул.„Илинден“ до ул. „Лазар Личеновски“); ул. „Лазар Личеновски“, бул. „Никола Карев“, ул. „Беласица“, ул. „Никола Карев“ (од ул. „Беласица“ до бул. „3. Македонска бригада“); бул. „3. Македонска бригада“ (од ул. „Никола Карев“ до ул. „Пролет“); ул. „Пролет“ (од бул. „3. Македонска бригада“ до бул. „Македонија“); бул. „Македонија“ (од ул. „Пролет“ до ул. „Павел Шатев“); ул. „Павел Шатев“ (од бул. „Македонија“ до ул. „Јордан Мијалков“); ул. „Јордан Мијалков“, ул. „Васил Ѓоргов“ (од ул. „Јордан Мијалков“ до ул. „Франклин Рузвелт“) и ул. „Франклин Рузвелт“.
 

Содржината е прочитана 147 пати.