Инфо

Половина од увезениот цемент е под пропишаните стандарди

Производителите на градежни материјали бараат ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на материјали кои се нудат на пазарот, бидејќи тоа е еден од најзначајните предуслови што треба да обезбедат дополнителни гаранции за сигурноста на градбите и за одржлив раст на домашната градежна индустрија

понеделник, 19 март 2018

Градежниците бараат поголема контрола на увезените градежни материјали, особено на цементот и на арматурата откако било констатирано дека половина од увезениот цемент не ги задоволува пропишаните стандарди. Производителите на градежни материјали бараат државата да го заштити домашното производство.

Ова денеска го рече претседателот на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора, Андреа Серафимовски, појаснувајќи дека неколку компании на свој трошок го тестирале квалитетот на увезените градежни производи на случаен примерок и утврдиле дека 50 отсто од испитаниот цемент не ги задоволува стандардите. Несоодветна е и арматурата што се увезува.

„Мрежата за арматура која е испитувана пред неколку години покажа дека има отстапување во однос на дебелината на профилите, а тоа ја доведува во прашање безбедноста на објектите во кои се вградува. Една хаварија на градежен објект би значела огромна штета“, вели Серафимовски.

Арматура најчесто се увезува од Грција, Босна и Херцеговина и од Бугарија, а цемент од Албанија и од Турција. Серафимовски потенцираше дека посебен проблем претставуваат материјалите што доаѓаат од Турција за кои оваа земја дава субвенции, па компаниите поради субвенциите не ги гледаат последиците од неквалитетните материјали. Според него, и покрај тоа што Македонија е извозник на цемент, овој материјал со помал квалитет се увезува поради пониската цена.

Од Здружението реагирале до надлежните инспекциски институции и Царината и очекуваат проблемот да биде надминат со имплементација на Законот за градежни материјали.

„Потребен е ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазарот, бидејќи тоа е еден од најзначајните предуслови што треба да обезбедат дополнителни гаранции за сигурноста на градбите и за одржлив раст на домашната градежна индустрија“, рече Срафимовски.

Тој апелириаше до компаниите да почнат да го применуваат новиот Закон за градежни материјали, доколку не сакаат да се доведат во ситуација од наредната година да не можат да учествуваат на тендери и да се пријавуваат на проекти. Оние, пак, кои ќе вградуваат неквалитетен материјал, ќе се соочат со казни.

„Од наредната година стандардите што ги пропишува Законот во однос на стандардите за производство на градежни материјали ќе влезат и во огласите за јавни набавки и затоа апелираме компаниите кои произведуваат градежни материјали, без разлика од кое подрачје доаѓаат, хармонизирано или нехармонизирано, да ја завршат постапката за добивање на стандардите до 30 септември годинава, додека оние кои работат по стариот МК-ЈУС стандард, да се усогласат со новите стандарди до крајот на годината“, укажа Серафимовски и појасни дека компаниите треба навреме да апилицираат во трите сертифицирани институции кои ќе ги издаваат стандардите што се бараат со Законот – Градежен институт „Македонија“, Завод за испитување на материјалите и развој на нови технологии „Скопје„ и „ГЕИНГ“ – Скопје.

 


 

Содржината е прочитана 101 пати.