Инфо

Македонија и Грција ќе се поврзат со гасоводна мрежа долга 120 километри

Со проектот се создаваат услови за приклучување на земјата кон проектот ТАП, како и за користење на течниот природен гас (ТПС) од резервоарите во Грција. За почеток, предвидено е гасоводната линија да има технички проектни перформанси од 2 до 3 милијарди кубни метри гас

понеделник, 19 март 2018

Македонија и Грција ќе се поврзуваат со гасоводна мрежа. За таа цел е формирана работна група составена од членови на македонското акционерско друштво „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) и грчката компанија за управување на систем за пренос на природен гас во Грција „ДЕСФА“ која веќе почна со консултации околу утврдување временска рамка и детаљи за реализација на траса за гасно поврзување меѓу двете држави со интерконектор.

Со проектот се планира да бидат изградени околу 120 километри гасоводна мрежа, по околу 60 километри на секоја страна, а Македонија почнува иницијатива за развој на нови гасни коридори во Југоисточна Европа.

„Согласно мерките за градење доверба помеѓу Република Македонија и Република Грција и интензивирање на билатералната соработка иницирана од премиерите на двете земји, експертите се согласија дека проектот е добро решение за Македонија и за Грција и отвора можности за продлабочување на соработката во енергетиката, но и поттикнување на регионалната енергетска соработка на Балканот“, се наведува во соопштението на Владата.

Овој проект има големо значење за Македонија, бидејќи со негова реализација се создаваат услови за приклучување на земјата кон проектот ТАП, како и за користење на течниот природен гас (ТПС) од резервоарите во Грција. Со тоа ќе се овозможи транзитирање на природниот гас низ Македонија кој понатаму може да се користи и од потрошувачите на останатите земји во регионот.

Од Владата појаснуваат дека ќе следува изработка на физибилити студија која ќе ги опфати техничките и економските аспекти на гасното поврзување и ќе понуди конкретни решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави. За почеток, предвидено е гасоводната линија да има технички проектни перформанси од 2 до 3 милијарди кубни метри гас.

Со цел реализацијата на проектот да стартува годинава, Македонија и Грција заедно ќе аплицираат за финансиски средства во меѓународните институции.

 

 

Содржината е прочитана 67 пати.