Бизнис вести

Малите економии мора да бидат конкурентни со нови технологии и да се отворат кон светот

Вицепремиерот Кочо Анѓушев нагласи дека Планот за економски раст особено внимание посветува на интернационализацијата на македонските компании, односно на поддршката за унапредување на нивната конкурентност и зголемување на нивното присуство и учество на странски пазари

петок, 16 март 2018

Бизнисмените во малите држави како Македонија немаат голем избор, мора да бидат отворени кон светот и да воведуваат нови технологии што ќе им помогнат да се наметнат на светските пазари, сметаат претставниците од бизнис секторот кои учествуваат на Самитот на мали земји-нови трендови на бизнисот, што го организира Стопанската комора на Македонија.

Според Мојмир Оцвирк од Словенија, најважно е да се создаде клима во која секој млад човек ќе размислува како претприемач и да се види дали новите трендови може да им помогнат на претпремачите во малите држави успешно да преминат на глобалниот пазар.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев смета дека за зголемувањето на БДП во малите економии како што е македонската, клучни се два механизми и тоа извозот и инфраструктурните инвестиции кои треба да бидат продуктивни. Тој истакна дека во насока на поинтензивен економски раст, Владата работи на создавање и одржување добри односи со сите земји за развивање на меѓусебната економска соработка и за подобрување на можностите на македонските компании за подигнување на конкурентноста.

„Постојат три можности за овозможување повисоки стапки на раст на БДП - зголемување на домашната потрошувачка, зголемување на извозот и инвестиции во капитални проекти. Знаеме дека има можности за подобрување на домашната потрошувачка, но тие се лимитирани и токму во таа насока Владата се одлучи растот на БДП да се поттикне преку стимулирање на извозот и со повисоки инвестиции на државата во капитални проекти “, рече вицепремиерот и посочи дека во следниот период ќе се посвети внимание реализацијата на проектите на Коридорот 8, изградбата на автопатиштата и железничкото поврзување со Албанија и со Бугарија.

Што се однесува до конкурентноста на македонските компании, Анѓушев нагласи дека Планот за економски раст особено внимание посветува на интернационализацијата на македонските компании, односно на поддршката за унапредување на нивната конкурентност и зголемување на нивното присуство и учество на странски пазари.

„Особено е значајно дека Владата креираше мерки токму за неповратна финансиска поддршка за компании кои ја зголемиле својата конкурентност на нови пазари, како и поддршка на компаниите за освојување на нови пазари и пораст на продажбата. Најзначајна мерка е поддршката на малите и средни претпријатија за подобрување на иновативноста. Преку оваа мерка обезбедена е финансиска поддршка за развој и примена на иновативни решенија кај компаниите преку покривање до 70 проценти од директните трошоци во инвестициски проекти. За малите и средните претпријатија предвидена е финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите преку покривање до 30 отсто од директните трошоци во инвестициски проекти“, рече Анѓушев.
 

Содржината е прочитана 150 пати.