Бизнис вести

Ќе паѓаат каматите на кредитите за фирмите, најавуваат банкарите

Освен за компаниите не се очекува намалување на каматите за граѓаните, бидејќи, според банкарите, и потрошувачките и станбените кредити моментално се поволни за населението

петок, 16 март 2018

Со последните мерки што водат кон олабавување на монетарната политика Народната банка на Република Македонија (НРБМ) им прати јасен сигнал на банките за поголема кредитна активност, но и за намалување на каматите на кредитите.

Потегот на НБРМ да ја намали основната камата на три отсто, всушност, доаѓа откако е оценето дека по стагнацијата во 2017 година, оваа економска година има подобар почеток, како резултат, пред се на стабилизацијата на политичката состојба во државата, што, пак, влијае на зголемување на довербата и очекувањата на економските субјекти и на постепено забрзување на депозитниот раст.

За економистите и за банкарите ваквиот потег од централната банка е очекуван. Особено поради фактот дека банките се максимално ликвидни, наспроти компаниите на кои им се повеќе од потребни свежи пари за нови инвестиции.

Економските експерти сметаат дека со пониските камати за благајничките записи НБРМ сака да ги демотивира банките своите ликвидни средства да ги „врзуваат“ за записи, а да ги насочат во стопанството како кредити, и тоа во приватниот сектор со што ќе обезбедат посилна кредитна поддршка на економијата. Минатата година банките многу внимателно делеа кредити, токму поради политичката нестабилност, а од истите причини и компаниите многу малку влегуваа во инвестициски зафати.

Банкарите сега најавуваат намалување на кредитите за компаниите, иако потенцираат дека за одредени квалитетни фирми и проекти, кредитите почнале да поевтинуваат уште минатата година. Стабилизирањето на политичката состојба, според банкарите, во последниве два квартали веќе донело зголемен интерес кај фирмите да почнат со реализација на инвестициите што ги планирале претходно, но ги одложувале, или, пак, со сосема нови проекти.
Сепак, дали и колку реално ќе бидат побарани и одобрени кредити, и, дали воопшто ќе се случат тие инвестиции, зависи, пред се, од ситуацијата во државата, дали политичката стабилност ќе продолжи, дали ќе се зголеми.

„Прво очекуваме дека каматните стапки ќе паднат кај кредитите за правни лица, не кај сите подеднакво, тоа, нормално, ќе зависи од квалитетот на компанијата, нејзиниот кредитен рејтинг, инвестициските проекти во кои банките веќе се или сакаат да инвестираат. Заради немање на доволно такви инвестиции, се зголемува и конкуренцијата меѓу банките, значи сите таргетираме едни исти квалитетни компании, па тие имаат избор на добри банки кои можат да ги следат“, изјави за „Телма“ Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка.

Но, освен за компаниите, банкарите не очекуваат намалување на каматите за граѓаните, бидејќи велат дека физичките лица и сега можат да се задолжуваат и да ги реализираат своите планови со не многу високи камати, односно, дека и потрошувачките и станбените заеми се поволни за населението.

Според податоците на НБРМ, во моментов просечната камата на кредитите за фирмите е околу 5 отсто, а за домаќинствата е над 6 проценти.
 

Содржината е прочитана 198 пати.