Инфо

Чоколадите за деца на македонскиот пазар не содржат млеко и какао

На одбележувањето на Светскиот ден на потрошувачите беа истакнати проблемите со кои се соочуваат граѓаните, како што се различниот квалитет на производите што се произведуваат во Европа, а се продаваат кај нас, но и нечесните клаузули во договорите со банките и со телекомуникациските оператори

четврток, 15 март 2018

Во чоколадите за деца што се наоѓаат на нашиот пазар воопшто нема млеко и какао, иако се така декларирани, беше истакнато на одбележувањето на 15 март, Светскиот ден на потрошувачите во Стопанската комора на Македонија.

Ова е само една од бројните детектирани недоследности со кои се соочуваат македонските граѓани на кои постојано им се крашт основните потрошувачки права и покрај постоечкиот Закон за заштита на потрошувачите.

„Чоколадите за деца на македонскиот пазар воопшто не содржат млеко и какао, покажуваат лабораториските испитувања. Купуваме супа на која се декларира дека е за четири чинии, а има само три, што е одраз на нечесна деловна практика“, рече универзитетскиот професор Јадранка Дабовиќ-Атанасовска.

Притоа таа посочи и други проблеми со кои се соочуваат потрошувачите во Македонија, како што се различниот квалитет на производите што се произведуваат во Европа, а се продаваат на нашиот пазар, но и нечесните клаузули во договорите со банките за банкарските кредити, осигурувањата и со телекомуникациските оператори.

„Сѐ уште има нечесни клаузули во банкарските договори и во договорите за осигурување. Се согласуваме на сѐ, зашто со оглед на сиромашните услови во кои живееме, многу ни значи да добиеме кредит. Но, кога ќе видите некои од клаузулите, сосема е јасно дека тие се нечесни за потрошувачите. Патот за заштита на потрошувачот од ваквите нечесни клаузули, за жал, сѐ уште во нашиот правен лавиринт не е сосема јасен“, рече Дабовиќ Атанасовска.

Новиот закон за заштита на потрошувачите кој е во подготовка би требало да ги елиминира сите овие проблеми. Законот ќе биде усогласен со европската регулатива и со него треба да се надминат недоследностите на постојниот кој досега е менуван седум пати. Дабовиќ Атанасовска појасни дека и судовите и инспекторите ќе се анагжираат повеќе, а ќе се дефинираат и можностите за колективна заштита која засега во Македонија е невозможна.
Таа ги повика сите потрошувачи, независно од професијата, да се здружат и да покажат негативен однос кон трговците кои имаат нечесни практики и ги кршат правата на купувачите.

Ката Стојановска од Агенцијата за храна и ветеринарство задолжена за потрошувачките права рече дека годишно до Агенцијата пристигнуваат по 300 до 400 претставки, но оти најголем број од нив се неосновани. Затоа е потребна едукација на потрошувачите за да можат полесно да поднесуваат претставки.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова рече дека во наредниот период ангажманот на ОПМ ќе биде во заштита на правата на потрошувачите во однос на дигиталниот пазар.

„Веќе треба да размислуваме да ги изедначиме правата на потрошувачите на конвенционалниот кон дигиталниот пазар. Треба да ги заштитиме правата на потрошувачите во однос личните податоци, особено кога се работи за паметните уреди за деца, како што беше паметната играчка „Кајла“ која беше претставена лани. Паметните часовници за деца преку кои можете да ги следите децата каде се движат овозможуваат нив да ги следат и други луѓе“, рече Лончар-Велкова потенцирајќи дека Светскиот ден на заштита на потрошувачи годинава е посветен на дигиталниот пазар.
 

Содржината е прочитана 110 пати.