Култура

Бачиќ-Алимпиќ: „Ја глорифицирам жената, бидејќи сметам дека го заслужува тоа“

Јелена Бачиќ-Алимпиќ, најпродаваниот српски автор на Балканските простори доаѓа во Македонија на покана на „Марили“ и ќе биде специјален гостин на тематскиот ден „ДАМА-ДА-здравјето и убавината во функција на современата жена“ што ќе се одржи на 31 март во „Холидеј Ин“. Нејзините книги ќе бидат изложени на штандот на издавачката куќа „Матица“ што ќе биде поставен на тематскиот ден

четврток, 15 март 2018

Најчитаниот српски автор на Балканските простори, Јелена Бачиќ-Алимпиќ повторно доаѓа во Македонија да се дружи со своите читатели и пријатели. На покана на агенцијата „Марили“ таа ќе биде специјален гостин на тематскиот ден „ДАМА-ДА-здравјето и убавината во функција на современата жена“ што оваа агенција го организира на 31 март годинава. 

Писателката, чии дела стануваат бестселери во моментот штом се појават на полиците на книжарниците ѝ е добро позната на македонската публика. Нејзините романи напишани во извонреден лирски стил се читаат во еден здив. Лесно се читаат, ама тешко се забораваат. Уште долго по завршување на романот кај читателот останува чувството на припадност и сочувство со главниот лик, чии емоции, размислувања, стравови и амбиции, авторката ги разоткрива до такви детаљи, што се добива впечаток дека му ја соголува душата.

Критиката честопати знае да каже дека романите на Јелена Бачиќ-Алимпиќ се наменети и ги читаат само жени. Но, таа не се согласува со тоа и смета дека имаат поширока читателска публика, па дека дури и мажите можат да пронајдат нешто за себе. Сепак, фокусот на нејзините книги е ставен на жената. Ја прашавме дали денешната современа жена е се уште толку емотивна и лесно ранлива како што се главните ликови во нејзините книги.

„Да, во право сте. Во своите книги ја глорифицирам жената, бидејќи сметам дека секоја од нас која се жртвува за семејството, децата, работата, секако го заслужува тоа. Е, сега... На прашањето дали денеска тоа го прави современата жена, тешко ми е да одговорам. Знаете, сите ние секогаш поаѓаме од себе. Јас сум воспитувана и сум растела во други времиња, тогаш кога се подразбираше жената да биде столб на семејството, мајчинството и на брачната заедница. Би сакала да знам дека денеска тоа малку се променило. Зошто? Бидејќи секоја од нас заслужува среќа. Затоа што имаме право да кажеме НЕ, НЕ МОЖАМ и НЕ САКАМ! Можам само лично да ви одговорам на личен пример – требаше многу време, многу години за моите деца да пораснат, да станат луѓе, прекрасни луѓе, да би се осмелила гласно да ги изговорам гореспоменатите зборови. Се надевам дека современата жена денеска го прави тоа многу порано, што никако не ја намалува нејзината емотивност, ниту, пак, ранливост. Само ја прави самосвесна“, вели Бачиќ-Алимпиќ.

Која е жената која пишува за жената?

Јелена Бачиќ-Алимпиќ живее во Нови Сад. Мажена е и е мајка на две деца, Марко и Дуња. По професија е дипломиран професор по книжевност, но животот најпрвин ја однел во новинарските води. Бачиќ-Алимпиќ зад себе има богата новинарска кариера, цели 28 години работела во медиумите во Србија и е познат лик од телевизиските екрани. Во нејзината успешна кариера стојат запишани бројни авторски документарни емисии што ги работела во периодот од 1987 до 1993 година за Југословенската радио телевизија (ЈРТ) и за ТВ Нови Сад. Цели 10 години работела како новинар и уредник во „Колор прес груп“, а од 2002 до 2013 година била новинар, потоа уредник и водител на телевизија „Пинк“. Добитник е на бројни новинарски награди во Србија и во регионот. Во нејзината биографија стои забележано дека има снимено повеќе од 5.000 емисии во кои гости ѝ биле познати лица од политиката, спортот, уметноста, шоубизнисот. Меѓу нив, и нашиот Тоше Проески, кој со легендарната изведба на најпознатата македонска народна песна „Зајди, зајди“ остави траен печат на емисијата.

Но, по 28 години напорна работа во медиумите, Јелена става точка на новинарството. Одлучува да се повлече и дава отказ од ТВ „Пинк“. За ваквата храбра одлука донесена на своја 45-годишна возраст, од оваа временска дистанца, таа вели дека претставува вистинска одлука.

Денеска новинарството не ѝ недостасува. Ниту, пак, камерите и сето она што го носи телевизијата со себе. Денеска, Јелена Бачиќ-Алимпиќ целосно е посветена на својата „прва“ љубов – пишувањето. Секако дека 28-годишното новинарско искуство многу ѝ помага при создавањето на книгите. Како што самата вели, кога станува збор за истражување, без кое не може да се создаде едно добро дело, се снаоѓа подобро и полесно токму поради годините поминати во новинарството. Иако за неа книжевноста е целосно одвоена од новинарството, што лесно се забележува и во нејзините романи во кои пишува со комплетно книжевен стил без трага на новинарско искажување, сепак, потенцира дека новинарството е многу корисно за пишување. „И Иво Андриќ, Ернест Хемингвеј и многу други светски писатели барем еден дел од животот го поминале работејќи како новинари“, ќе рече Бачиќ-Алимпиќ во едно свое интервју.

Исклучителните писателски квалитети Јелена Бачиќ-Алимпиќ ги покажа уште на самиот старт од писателската кариера, во своето првенче, романот „Рингишпил“. Потоа го покори Балканот со следните дела, бестселерите „Писмото на Госпоѓа Вилма“, „Последната пролет во Париз“, трилогијата „Казна за гревот“ составена од романите „Ноќта кога дојдоа сватовите“, „Книга на спомените“ и „Молитва за прошка“, како и последниот бестселер „Те нема никаде“.

Во сите нејзини дела мотивот е секогаш љубовта. Покрај прекрасните описи на војводинските салаши и на руските зими, таа со лирски стил прикажува ликови полни со емоции. Извонредната наративност со леснотија го отсликува нејзиното исклучително познавање на човечката душа, комплетно откривајќи ги емоциите на главниот лик додека тој ја гради кариерата, или додека ѝ се спротиставува на судбината, додека го губи детето, или, пак, љубовта на својот живот.... Вродената дарба на авторката за емоционално разобличување на карактерите е богато распослана на илјадниците страници на романите кои се читаат во еден здив. А, потоа те приморуваат уште долго да размислуваш. 

Во своите романи Бачиќ-Алимпиќ ги испреплетува љубовта и кариерата. Сепак, како што вели во „Последната пролет во Париз“ – „...на крајот, само љубовта е мостот што ги поврзува спомените и ја враќа надежта и вербата во животот“. Но, дали и кај денешната современа жена имаат приоритет љубовта и семејството, или, можеби, сепак, доминира желбата за професионално докажување? Колку, всушност, тие две работи, кариера и љубов, се надополнуваат, дали може едното без другото и дали е доволна само кариера како би се постигнала лична среќа?

„Ова прашање е многу лично и не може да се генерализира.. Се е, всушност, работа на личен избор. Јас не можев да си го замислам животот без своите деца и благодарна сум им што ме одбраа мене да им бидат мајка. Паралелно ја градев кариерата, се борев со непроспиените ноќи, со никнување на запчињата, првите чекори и бесконечното читање или раскажување бајки од ноќ во ноќ, со години... Сепак, не ги осудувам жените кои се одлучиле да го отфрлат сето тоа, или да го занемарат заради сопствената среќа, доколку сметаат дека е тоа нивниот пат. Не сум повикана ниту да осудувам, ниту да критикувам. Напротив. Што и да одлучи современата жена и какви и да се мотивите што ја водат, таа е ковач на сопствената среќа и како таква, на крајот, таа останува жена“, заклучува Јелена Бачиќ-Алимиќ.
 

 
Содржината е прочитана 475 пати.