Бизнис вести

Швајцарскиот „Гсол“ е новиот инвеститор во „Фени“

Банките доверители на кавадаречкиот комбинат, по низа преземени активности донеле одлука од двете пристигнати понуди (на „Гсол“ и на бугарски „Минстрој“) да ја одберат таа на швајцарската компанија

среда, 14 март 2018

Швајцарската „ГСОЛ“ е новиот инвеститор на „Фени индустри“. Вака одлучиле банките доверители на кавадаречкиот комбинат, кои од двете пристигнати понуди за откуп на побарувањата (на „ГСОЛ“ и на бугарски „Минстрој“), ја одбрале таа на швајцарската компанија.

„По оценувањето на понудите, одлуката на банките е да се избере понудата на ‘ГСОЛ’ како купувач на нашите побарувања. Ваквата одлука се заснова на целосна оценка на доставените понуди, роковите и условите за исплата на побарувањата, како и покажаната посветеност на овој инвеститор од почетокот на проблематичниот период за компанијата. Исто така, беше земено предвид дека ‘ГСОЛ’ веќе ја исплати заостаната плата на вработените во ‘Фени’, како и јавно објавената намера за соодветна исплата и на другите доверители кои имаат признаени побарувања во стечајната постапка на комбинатот“, соопштија банките кредитори Комерцијална банка АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје.

Оттаму појаснуваат дека во периодот додека се вложувале напори да се најде соодветен инвеститор, се воделе разговори со голем број заинтересирани субјекти, за на крај, понуди за откуп на нивните побарувања да достават само овие две компании.

„Двете понуди беа сериозни, покажуваа посветеност и позитивни намери за обезбедување на иднината на ‘Фени индустри’, вклучувајќи и доказ за расположливи средства. По оценувањето на понудите, одлуката на банките е да се избере понудата на ‘ГСОЛ’ како купувач на нашите побарувања“, се вели во информацијата од банките.
Согласно условите од понудата, банките очекуваат договорот за откуп на нивните побарувања да биде завршен до крајот на март 2018 година.

 

Содржината е прочитана 131 пати.