Инфо

Водата во Охридското Езеро е на максимално ниво

Од ЕЛЕМ велат дека со контролиран испуст се балансираат нивоата на Охридското Езеро и на Црн Дрим

среда, 14 март 2018

Обилните дождови и наглото топење на снегот предизвикано од повисоките температури придонесоа за континуирано зголемување на нивото на Охридското Езеро, кое во последните два дена ја надмина максималната кота од 693,75 метри надорска висина. А, според последните мерења, котата на Охридското Езеро денеска изнесува 693,82 мнв.

Од ЕЛЕМ информираат дека се преземаат сите мерка за да се забави растот на нивото на водата кое се балансира преку контролиран испуст на Охридското Езеро.

„Хидроелектраните ‘Шпилје’ и ‘Глобочица’ работат со речиси максимален капацитет веќе два месеци со цел зголемен контролиран испуст на вода од Охридското Езеро во Црн Дрим и нејзино прифаќање во електраните, да се одржува нивото на Езерото, но во исто време да се одржува нивото и на реката и да се превенира прелевање на речното корито“, информира АД ЕЛЕМ.

Оттаму појаснуваат дека стручните лица од ЕЛЕМ и од ХЕЦ „Црн Дрим“ непрекинато ја следат состојбата на терен и преземаат мерки за одржување на котата под максималната дозволена за периоди на големи води, како што е годинава.

„Сакаме да потсетиме дека 2010 и 2013 беа исто така години со голем доток на вода и дека во куси периоди котата на Охридското Езеро тогаш ја надмина максималната 694 мнв, без да бидат предизвикани штети за околината. Со водостопанска дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање од 24.11.2017 година, за користење на водата на излез на реката Црн Дрим од Охридското Езеро од страна на АД ЕЛЕМ за производство на електрична енергија, наведено е дека во исклучителни случаи, при појава на големи води, максималната кота може да биде 694 мнв“, појаснуваат од АД ЕЛЕМ.
 

Содржината е прочитана 69 пати.