Култура

„Виенскиот бал“ в сабота ќе го донесе духот на Виена во Скопје

Авангардната културно-музичка манифестација се одржува по 19.пат во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и под покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Македонија

среда, 14 март 2018

Скопје повторно ќе пулсира во танцовиот ритам на духот на Виена. Во сабота, на 17 март во хотелот „Александар палас“ по 19.пат ќе се одржи авангардната културно-музичка манифестација „Виенски бал 2018“. Во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и под покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Македонија, Скопје уште еднаш ќе се најде рамо до рамо со сите светски метрополи во кои се одржуваат овие манифестации во рамките на културната понуда. Од минатата година „Виенски бал Скопје“ е ставен и на светската мапа на виенски балови, а поради долготрајната и успешна организација, годинава организаторот доби поздравно писмо од градоначалникот и гувернер на Виена, Михаел Хојпл.

Преку хуманитарниот карактер на манифестацијата, годинава ќе бидат обезбедени средства што ќе бидат наменети за „Полио плус“, граѓанска организација на лица со и без хендикеп.

Професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ ќе биде под диригентската палка на Бисера Чадловска. Како што е редот, дрес-кодот на Виенскиот бал е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата.

 

 

Содржината е прочитана 56 пати.