Инфо

Владата ќе ја запре изградбата на рудникот „Казандол“

Министерството за економија треба во рок од седум дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот „Казандол“ и за одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини

среда, 14 март 2018

Владата ќе го раскине договорот за концесија со украинската компанија „Сардич МЦ“, која е главен инвеститор за изградба на рудникот „Казандол“. Македонските власти сега бараат правен основ за ваквиот потег, па Министерството за екномија има рок од една недела да ги утврди условите за раскинување на договорот за концесија и за одземање на дозволата за експлоатација, со што најверојатно ќе се стави точка на проблемот, ќе се стопира изградбата и рударскиот комплекс нема да проработи.

На вчерашната владина седница е донесена одлука да се провери дали се исполнети условите за раскинување на договорот за „Казандол“.

„На денешната 58 седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за степен на изграденост на рударскиот комплекс ‘Казандол’ и го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот ‘Казандол’, кој ги опфаќа општините Валандово, Богданци и Дојран и за одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20.7.2015 година“, се вели во соопштението на Владата.

Какви се шансите да се раскине договорот, ќе покаже информацијата што ќе ја изготви Министерството. Но, факт е дека постојат неисполнети услови од договорот за концесија, како што е тој концесионерот во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 проценти од експлоатираната руда. Овој услов не е исполнет.

Инаку, граѓаните од Југоисточна Македонија остро се спротиставија на изградбата на рудници и на давањето дозволи за геолошки истражувања, тврдејќи дека сето тоа негативно ќе влијае врз животната средина, а големи последици ќе има и врз земјоделието кое е главен извор на приходи на населението од регионот. Жителите од повеќе градови со месеци протестираа предупредувајќи на опасноста од, како што ги нарекуваа „рудниците на смртта“. Во повеќе градови успешно беа одржани и референдуми против изградбата на рудникот „Казандол“ и тоа во Гевгелија, Богданци, Дојран. Единствено во Валандово не беше исполнет законскиот цензус за успешен референдум, иако и во оваа општина мнозинството граѓани се изјаснија против рудникот.
 

Содржината е прочитана 75 пати.