Инфо

Општините го преземаат управувањето со градежното земјиште

Владата ќе се задолжи со 120 милиони евра во име на општините, а тие ќе го враќаат кредитот во рок од 15 до 20 години, со камаптна стапка од два до три проценти

вторник, 13 март 2018

Општините, преку Законот за рамномерен регионален развој ќе добијат 120 милиони евра од државата за да се раздолжат кон доверителите, кои во најголем дел се домашни компании. Владата ќе се задолжи во име на локалните самоуправи, а тие ќе го враќаат кредитот во рок од 15 или 20 години, со каматна стапка до два до три проценти. Се чекаат понуди од меѓународни институции, а се разговара и со домашните банки.

Ова го рече премиерот Зоран Заев по потпишувањето на договорот меѓу Заедницата на единиците на локалната самуправа (ЗЕЛС) и Министерството за транспорт и врски, со кој ЗЕЛС го доби правото на трајно користење, управување, одржување и надградба на информацискиот систем поставен на интернет страницата www.gradezno-zemiste.mk. Притоа е договорено сите постапки за отуѓување или давање под закуп на земјиште да се вршат преку ЗЕЛС.

„ЗЕЛС ги доби авторските права врз изворниот код на трајно користење, но со обврска да го одржува и надградува овој информациски систем. Приоритетот на ЗЕЛС е сите општини да ги исполнат условите за управување со градежното земјиште и самите да ги спроведуваат постапките во овој систем“, рече Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје.

Премиерот Заев истакна дека децентрализацијата на власта дефинитивно треба да продолжи во Македонија.

„Убедени сме дека преку еден ваков механизам, со пренесување на хардверот и софтверот за управување со градежно земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, пофлексибилни, попосветени да излезет во пресрет на било која градба. Ова треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Македонија дека постапките што ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво, директно со асистенција на ЗЕЛС“, рече Заев.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески појасни дека Е-градежно земјиште е електронски систем преку кој по електронски пат се вршат сите постапки за купопродажба или за закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија.

„Успеавме да воспоставиме систем со кој менаџирањето на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија ќе се води на најтранспарентен начин. Преку овој систем се водат сите постапки за оттуѓување, давање под долготраен или краткотраен закуп, давање право на трајно користење, пренесување право на сопственост и засновање право на стварна службеност на државното градежно земјиште. Предностите на овој систем веќе се воочливи за граѓаните и за компаниите, бидејќи поднесувањето на документите се прави од кое било место и во кое било време“, рече Сугарески.

До крајот на 2018-та година се очекува да бидат пренесени на локално ниво и управувањето со капиталните инвестиции, изградбата на основни и на средни училишта, на градинки, здравствени и домовите на културата, како и управувањето со шумите и патиштата. Се размислува и управувањето со Центрите за социјална работа да биде во надлежност на општините.
 

Содржината е прочитана 133 пати.