Инфо

До крајот на неделава ќе профункционира новиот филтер во „Дрисла“

На Меѓународната конференција „Европските искуства за улогата на компаниите што ги управуваат посебните текови на отпадот, сега и во иднина“, заменикот министер за животна средина, Јани Макрадули рече дека е веќе определена локација за регионална депонија во Североисточниот регион, а Владата работи на утврдување локација за Југозападниот регион

вторник, 13 март 2018

До крајот на неделата ќе почне со работа новиот филтер во депонијата „Дрисла“, најави заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули на Меѓународната конференција „Европските искуства за улогата на компаниите што ги управуваат посебните текови на отпадот, сега и во иднина“ што се одржа во организација на Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпадот при Стопанската комора.

Тој појасни дека е веќе определена локација за регионална депонија во Североисточниот регион, а Владата работи на утврдување локација за Југозападниот регион и за подобрување на законската регулатива, со цел да се исполнат препораките на Европската унија.

Макрадули рече дека според проценките, во државава има меѓу 66 и 88 илегални депонии, што претставува голем проблем. Посочи дека само во една општина, каде што градоначалникот пружа голем отпор за регионално регулирање на отпадот, има осум депонии. Затоа апелираше до општините да не се спротиставуваат на регионалните депонии од кои може да има голем профит.

„Апелирам градоначалниците да не даваат отпор и да не се плашат, туку да ги фатат европските текови во управувањето со отпад, за да направиме регионални депонии во кои ќе правиме профит од ѓубрето и ќе генерираме работни места кои ќе се грижат да го менаџираме отпадот на современ европски начин. Депониите кои треба да се изградат нема да бидат како онаа во Струга, туку современи преработувачки капацитети каде ќе се произведуваат или нови суровини или енергија“, рече Макрадули и потенцираше дека Владата застанува на чело на овој проект за кој очекува поддршка од сите.

Претседателот на Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпадот во Стопанската комора, Филип Ивановски рече дека иако имаме добри закони, проблем е што има мала контрола на нивната имплементација и многу компании кои создаваат отпад го користат тоа и не плаќаат ништо. Според него, на овој план државата годишно губи по 4 до 5 милиони евра.

Бугарските искуства со прашањето со отпадот од амбалажа и електронскиот отпад покажало дека државата главно треба да има добри закони, финасиски стабилни претпријатија кои се занимаваат со управување со отпад и беспрекорна контрола.
 

Содржината е прочитана 108 пати.