Инфо

Во мај истекува мандатот на гувернерот Богов, не се знае кој ќе го наследи

Согласно Законот за НБРМ, гувернерот со седумгодишен мандат го избира Собранието на предлог на претседателот. Од кабинетот на Иванов засега нема предлог за идниот гувернер

вторник, 13 март 2018

На 21 мај оваа година истекува седумгодишниот мандат на гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов. Засега е сосема неизвесно кој ќе го наследи на функцијата.

Согласно Законот за НБРМ, гувернерот го избира Собраниетона предлог од претседателот на државата. Се избира на седница на параментот со просто мнозинство.

Од кабинетот на Ѓорге Иванов велат дека постапката за избор ќе се спроведе согласно Законот и праксата во изминатите години.

„Изборот на гувернер на НБРМ е предвидено согласно Закон за НБРМ и ќе се спроведе согласно досегашната праска, а тоа значи дека од осамостојувањето не се случило да нема гувернер на Народната банка на Република Македонија“, истакнуваат од Кабинетот на претседателот на РМ.

Димитар Богов е избран за гувернер на Народната банка на Република Македонија во март 2011 година, а на функцијата стапи на 21 мај 2011 година, од кога и официјално започна неговиот мандат.

„Времетраењето на мандатот на членовите на Советот на НБРМ, меѓу кои е и на гувернерот и претседавач на Советот, утврдено е во чл. 49 од Законот за Народната банка на Република Македонија. Согласно овој член, мандатот трае седум години. Оттука, мандатот на гувернерот Димитар Богов трае до 20 мај годинава“, велат од НБРМ.

Наследниот на Богов ќе биде петтиот по ред гувернер на НБМ. Од осамостојувањето на Македонија, односно, од 1992 година оваа функција ја извршуваа Борко Станоевски, Љубе Трпески, Петар Гошев и се уште актуелниот Димитар Богов.
 

Содржината е прочитана 67 пати.