Култура

Македонска премиера на најновиот филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“

Филмот ќе биде премиерно прикажан на 22 март во 20 часот во киното „Милениум“, а веднаш потоа, уште истата вечер во 22 часот продолжува на редовниот репертоар на киното

вторник, 13 март 2018

На 22 март со почеток во 20 часот во кино „Милениум“ ќе биде премиерата на „Бикини Мун“, најновиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Филмот продолжува на редовниот репертоар на киното уште истата вечер од 22 часот. Билетите за филмот ќе бидат пуштени во продажба од утре, среда 14 март.


„Бикини Мун“ веќе почна да се прикажува на повеќе светски фестивали. Светската премиера беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.
Неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито.

„Бикини Мун“ вчера беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград. Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот Фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт и во Нешвил во мај.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на македонскиот режисер. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин, а единствениот Македонец во филмската екипа, покрај режисерот, е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.
 
Содржината е прочитана 108 пати.