Интервјуа

Во 2018 очекуваме дека ќе го пречекаме 2 - милионитиот патник на скопскиот аеродром

Интервју со Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија: „Со сегашната мрежа од 36 дестинации и моменталното темпо на раст на побарувачката за воздушниот транспорт, очекуваме дека во текот на есента 2018 година на скопскиот аеродром ќе го дочекаме 2-милионитиот патник “

вторник, 13 март 2018

МАРИЛИ: Можете ли да ни дадете преглед за 2017 година, во однос на воздушниот сообраќај? Кои беа најважните настани што ја обележаа годината?
ЕРСОЈ:
Завршивме уште една успешна година за ТАВ Македонија. Во 2017 година достигнавме два милиони патници на двата аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, со 13% зголемување на бројот на патници во споредба со 2016 година.
Во исто време, бројот на летови на двата аеродроми изнесува 18.130 со годишен раст од 7%.
Зголемениот сообраќај кој беше постигнат во 2017 година е резултат на новите рути кои се додадени во нашата мрежа од Скопје и од Охрид. Пет нови дестинации (Будимпешта, Малта, Рим, Ваксјо и Доха) се отворија од скопскиот аеродром, додека на охридскиот аеродром ги отворивме новите сезонски летови до Катовице. Така, охридскиот аеродром за прв пат пречека туристи од Полска.
Вкупниот пораст на бројот на патници беше засилен со исклучително фрекфентната летна сезона што ТАВ Македонија ја имаше во 2017 година, во смисла на зголемен сообраќај, особено на скопскиот аеродром. „Виз ер“ го донесе својот четврти авион во базата на скопскиот аеродром во средината на јули 2017 година и воведе три нови дестинации од Скопје, а на 10 постоечки дестинации им ги зголеми неделните фреквенции.
Истовремено, Катар ервејс влезе на македонскиот пазар како нов бренд, со отворањето на летовите помеѓу Доха и Скопје, што не е само уште една рута од Македонија до Блискиот Исток, туку и важна врска за интерконтиненталните летови за македонската дијаспора во Австралија и Нов Зеланд.


Летото 2017 година го одбележа и организацијата на УЕФА СуперКупот, кога аеродромот во Скопје успешно го опслужи исклучително зголемениот воздушен сообраќај создаден од пристигнати и заминати чартер-летови со фудбалски навивачи. Скопскиот аеродром минатото лето го забележа својот најпрометен август досега, кога беа превезени 216.409 патници со зголемување од 23,7% во патничкиот сообраќај и 22,4% на бројот на летови. Седми август беше најпрометниот ден на скопскиот аеродром, кога вкупно 8.283 патници беа превезени со 98 летови.
Покрај тоа, аеродромот во Скопје во 2017 година повторно беше рангиран меѓу 10-те најдобри аеродроми од SkyTrax, трет пат по ред, по 2015 и 2016 година.

 

МАРИЛИ: Кои се некои од главните цели на ТАВ Македонија за 2018 година?
ЕРСОЈ:
Нашата прва цел, секогаш, е да обезбедиме висококвалитетни услуги за нашите патници и клиенти. Ќе продолжиме да се фокусираме на задоволството на патниците и да работиме напорно за да бидеме рангирани како Аеродром со најдобри услуги во нашата категорија од страна на ASQ (Airport Service Quality) од реномираната организација АCI (Airports Council International), како што веќе бевме три пати во 2012, 2013 и 2015 година.
Нашата сестринска компанија БТА, која обезбедува угостителски услуги, ќе воведе нови локации за угостителство, како во контролираната зона така и во јавната зона на скопскиот аеродром. Така, капацитетот на седишта во угостителските објекти ќе биде зголемен.


Како дел од маркетинг стратегијата, постојано комуницираме со авиокомпании и тур-оператори за да ги привлечеме да влезат на македонскиот пазар.

МАРИЛИ: ТАВ во изминатите неколку години воведе многу чартер-летови на Охридскиот аеродром. Кои новини треба да се очекуваат на аеродромот во Охрид во 2018 година и кои се проценките за развој на овој аеродром?
ЕРСОЈ:
Очекуваме фрекфентна летна сезона на аеродромот во Охрид во 2018 година. Веќе имаме три нови чартер дестинации - Варшава, Талин и Ајндховен.
Полскиот тур-оператор Рего Бис, кој го воведе сезонскиот лет од Катовице во 2017 година, објави дека ќе воведе и втора дестинација од Полска - Варшава, во 2018 година.
Естонската авиокомпанија Нордика ќе отпочне сезонски летови од Талин до Охрид, отворајќи го естонскиот пазар како нов дојдовен пазар за туристи на Охридското Езеро.
Дополнително, холандскиот тур-оператор ТУИ кој веќе лета од Амстердам до Охрид секоја година, ќе ги продолжи своите операции со воведување на летови од Ајндховен до Охрид за време на летната сезона 2018 година. Покрај холандските туристи, се очекува оваа дестинација да донесе и туристи од Белгија, имајќи предвид дека холандскиот град Ајндховен е близу до белгиската граница.
Овие 3 нови дестинации - Варшава, Талин и Ајндховен, покрај постојните летни дестинации Белград, Амстердам, Брисел и Тел Авив, како и редовните линии до Лондон, Базел и Цирих, ќе создадат дополнителен раст на бројот на патници на аеродромот во Охрид и значително ќе придонесат за развојот на Охридскиот туризам.
Охридскиот аеродром беше обележан како еден од најбрзорастечките аеродроми во Европа во својата категорија од страна на ACI (Airports Council International) и ние работиме напорно со цел тој тренд да продолжи.

 

МАРИЛИ: Кои се проекциите за скопскиот аеродром во 2018 година? Кои настани очекувате дека ќе ја обележат годината?
ЕРСОЈ:
Очекуваме слично зголемување на бројот на патници во 2018 година, како што имавме и досега, но како што знаете, надворешните фактори имаат сериозен ефект врз бројот на патници и летови.
Со сегашната мрежа од 36 дестинации од аеродромот во Скопје и моменталното темпо на раст на побарувачката за воздушниот транспорт, очекуваме дека во текот на есента 2018 година на скопскиот аеродром ќе го дочекаме 2 милионитиот патник.

МАРИЛИ: Како менаџер во групацијата ТАВ Аеродроми, кој е одговорен за македонскиот пазар, присутни сте во Македонија од почетокот на проектот во земјава. Како ви се допаѓа животот во Македонија и која е разликата на вашето менаџерско искуство и начинот на водење бизнис овде, со оној во Турција?
ЕРСОЈ:
Заедно со моето семејство живеам надвор од мојата татковина од септември 2005 година. 

Пред да дојдеме во Македонија, 3 години живеевме во Грузија. Од 2009 година живееме во Македонија. Македонија стана нашиот втор дом. Мојот помлад син е роден во Македонија, а и двајцата одат на училиште во оваа прекрасна земја. Среќни сме што живееме овде, бидејќи има многу сличности помеѓу Турција и Македонија, како што се културата, општествениот живот и храната. Луѓето секогаш топло те поздравуваат и уште повеќе, дури и да не се познавате кога велите „Здраво“ отспротива ви одговараат „Здраво“, што е многу добар и пријателски пристап.
Водењето бизнис е различно од земја до земја поради култура, навиките итн. Како човек кој доаѓа од друга земја, ги почитувам културите и навиките на земјата каде што работам.
Во ТАВ Македонија имаме многу добар тим. Успесите што ги постигнавме како ТАВ Македонија се резултат на тоа што функционираме како семејство и ги хармонизираме локалните знаења и искуства со знаењата и меѓународното искуство на ТАВ.

 

 

 

 

Содржината е прочитана 656 пати.