Култура

Брајан Фери во септември во Скопје, влезницата ќе чини 100 евра

Легендарниот музичар ќе приреди незаборавна вечер во Македонската филхаромонија, а на сцената ќе го придружуваат 12 неверојатни музичари

понеделник, 12 март 2018

Легендарниот Брајан Фери на 9 септември оваа година доаѓа во Скопје. Го носи „Авалон продукција“ од каде што велат дека оваа музичка икона доаѓа да испорача уште една незаборавна вечер со својот харизматично шармантен настап, исполнет со сите негови хитови и со хитовите на „Рокси мјузик“ (Avalon, Slave To Love, Don’t Stop The Dance, Jealous guy…). Фановите ќе можат да ги слушнат и песните од последниот негов албум „Avonmore“. Фери на сцената ќе биде придружуван од 12 неверојатни музичари.

Влезниците за овој ексклузивен музички настан, што ќе се одржи во Македонската филхармонија ќе бидат пуштени во продажба од 20 април и ќе чинат 6.150 денари. Ќе биде одржан само еден концерт и во продажба ќе бидат пуштени само 700 влезници.

Седумдесет и двегодишниот Брајан Фери е еден од највлијателните музичари во светот на сите времиња. На музичката сцена е активен речиси пет децении, при што во два наврати беше пејач на „Рокси мјузик“, со кои настапи во Скопје во октомври 2007 година.

Со настапот на Брајан Фери „Авалон продукција“ одбележува 25 години постоење. Од продукцијата велат дека Фери не е случајно избран за нивната прослава, бидејќи тие го имаат земено името токму од еден од неговите најголеми хитови.
 

Содржината е прочитана 111 пати.