Инфо

Меѓу Македонија и БиХ ќе се патува само со лични карти

Премиерот Зоран Заев и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ денеска потпишаа Спогодба со која се олеснува патувањето меѓу двете држави што е е втор конкретен чекор по веќе потпишаниот договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи

понеделник, 12 март 2018

Граѓаните на Македонија и на Босна и Херцеговина од сега ќе можат да ги поминуваат границите на двете земји само со лични карти. Ова го договорија премиерот, Зоран Заев и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, кои денеска во Скопје потпишаа Спогодба со која се олеснува патувањето меѓу двете држави.

Како што рече Заев на заедничката прес конференција, со ваквата пракса каква што Македонија веќе има воспоставено со Србија и со Албанија, им се олеснува движењето на граѓаните од двете земји.

„Ова е втор конкретен чекор за олеснување на движењето на граѓаните меѓу двете земји по веќе потпишаниот договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи“, рече македонскиот премиер.

Покрај тоа, Заев и Звиздиќ договориле и учениците од основното и од средното образование, како и студентите да се запишуваат под исти услови што важат за домашните и да плаќаат школарина еднаква како за домашните студенти.
Заев рече дека ова не се најави, туку официјални договори.

„Денеска Република Македонија и БиХ испратија уште една силна порака. Сериозно сме посветени на развивање пријателски односи во соседството и за сплотен регион насочен кон европските перспективи. Покажавме дека сме подготвени да дејствуваме во правец на очекувањата на нашите граѓани кои не се разликуваат од очекувањата на Европа“, рече Заев.

Звиздиќ потенцираше дека нема отворени проблеми меѓу двете држави кои се можеби најслични во Западен Балкан, кои се соочуваат со слични политички и економски проблеми, земји во кои живет повеќе народи, нации и религии.

Тој додаде дека со Заев разговарале за унапредување на економската соработка, но оти главен проблем за тоа е инфраструктурата и тоа како енергетска, така и транспротна и дигитална.

„Тоа се проекти на кое ќе се инсистира. Неопходно е регионот да се поврзе подобро. Во таа смисла е предвидена и авионска линија која ќе ги поврзе Скопје и Сараево. Во тек се преговори со некои од регионалните авиопревозници, а се бара помош и од ЕУ“, рече Звиздиќ.
 

Содржината е прочитана 65 пати.