Инфо

Влада: Економијата излегува од состојбата на стагнација

Владата соопштува дека освен растот на БДП од 1,2 отсто во последниот квартал од 2017 година, раст од 8 отсто има и кај индустриското производство

сабота, 10 март 2018

Објавените податоци на Државниот завод за статистика за бруто домашниот производ за изминатата година покажуваат дека во четвртиот квартал во 2017 година економијата бележи раст од 1,2 отсто и излегува од состојбата на стагнација, соопшти Владата.

„Ова е доказ дека се враќа изгубената доверба во перспективите на домашната економија. Дополнително, последно објавените податоци на ДЗС покажуваат и раст на индустриското производство од 8 отсто, што претставува уште една потврда дека економската активност се интензивира. Фактичката состојба којашто ја наследи Владата по своето формирање беше пад на економијата од 1,3 проценти заради тешка политичка криза предизвикана од политичките блокади, но и заради неодговорното менаџирање со економијата изминатите години“, се вели во соопштението од Владата.

Новите економски политики, реформските процеси, реафирмацијата на ЕУ и НАТО интеграциски процеси на Република Македонија придонесоа економијата да се стабилизира и да почне да бележи стапки на раст на БДП.

„Економската стабилизација се потврдува и со податокот за годишен раст на вработеноста од 1,9 отсто во четвртиот квартал во 2017 година, споредено со истиот квартал во 2016“, се наведува во соопштението.
 

Содржината е прочитана 72 пати.