Инфо

Новиот клинички центар ќе се гради во Бардовци

Комплексот, кој ќе претставува мал медицински град, ќе чини околу 420 милиони евра. Се очекува да почне да се гради за година ипол, а би требало да биде завршен 4-5 години

петок, 09 март 2018

Новиот Клинички центар дефинитивно нема да се гради на постоечката локација, туку во населбата Бардовци. Ова денеска го откри министерот за здравство, Венко Филипче истакнувајќи дека одлуката за дислокација е донесена по повеќе анализи и дебати со лекари, архитекти и граѓани.

Изградбата на комплексот, кој ќе претставува мал медицински град, ќе чини околу 420 милиони евра. Се очекува да почне да се гради за година ипол, а би требало да биде завршен 4-5 години.

Сегашната локација на Клиничкот центар, како што рече министерот не е најдоброто место за понатамошно функционирање на оваа здравствена установа.

„Тоа место е задушено. На тоа место дури и со новиот проект немаше да се постигне добро сообраќајно решение. Немаше да има доволно паркинг места, а улицата ‘Водњанска’ и натаму ќе останеше тесно грло, особено за граѓаните кои живеат во околината, а истовремено немаше да обезбеди добар пристап до болничката услуга. И новиот проект немаше да ни обезбеди модерен Клинички центар како во развиените земји“, рече Филиче.

Тој појасни дека биле разгледувани неколку локации кои се доволно големи за во нив, покрај зградата на Клиничкиот центар да бидат сместени и Медицинскиот факултет, објект за соодветен истражувачки центар, како и кампус за студенти по медицина.

Новата локација се наоѓа во близина на психијатриската болница во Бардовци. Предвидено е да се изградат пристапни патишта до неа. Еден пат ќе тргнува од населбата Карпош и ќе оди директно до Клиничкиот центар, а се планира нова улица која што ќе биде продолжение на улицата „Железничка“, ќе продолжува во правец кон Ѓорче Петров и ќе води точно до локацијата каде е планиран новиот објект објект.

„Дел од земјиштето е државно, но сигурно ќе треба да се расчистуваат имотно правни односи. Станува збор за парцела од 84 хектари, а само за споредба, постоечкиот Клинички центар е на површина од 24 хектари“, рече Филипче.

Министерот потенцираше дека паралелно се работи и на подобрување на сообраќајното решение во Клиничкиот центар каде што е сега. За таа цел со Град Скопје веќе е изготвено едно решение за влез и за проток на возилата. Ќе се обезбеди посебна лента за Брзата помош, а на плацот за градба најверојатно ќе биде изградена монтажна катна гаража за да се олесни паркирањето.
 

Содржината е прочитана 96 пати.