Инфо

Грант од 428.066 евра од Јапонија за 5 болници и 4 училишта

Јапонскиот грант се доделува преку програмата „Грант-помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ (ГТП)

петок, 09 март 2018

Пет здравствени установи и четири училишта добија грантови од Јапонија во вкупна вредност од 428.066 евра преку програмата „Грант-помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ (ГГП).

„Ние, граѓаните на Јапонија, како пријатели на Македонија, сме многу среќни за сите жени, мажи и деца кои ќе имаат корист од овие проекти“, рече амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда на потпишувањето на договорите за грант со институциите.

Укажувајќи на важноста од спроведување на овие проекти, Ханеда уште еднаш ја потенцираше посветеноста на Јапонија во зајакнувањето на билатералните врски меѓу двете земји.

Основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Куманово со грант во висина од 44.779 евра ќе инсталира нов систем на греење и нови прозорци во клонот „Соколана“. Основното училиште „Добре Јованоски“ од прилепската населба Тризла, доби 49.456 евра со кои целосно ќе ја замени столаријата во училиштето, ќе ги реновира тоалетите и ќе прегради нова просторија за советување на учениците и родителите. Основното училиште „Свети Климент Охридски“ од Битола со грант од 52.348 евра комплетно ќе ги реновира прозорците и вратите во училиштето, додека Општината Долнени, пак, грантот од 44.238 евра ќе го искористи за да го реконструира дотраениот покрив и да инсталира нов систем за греење во училиштето „Исмаил Ќемали“ во село Црнилиште.

Клиниката за гинекологија и акушерство од Скопје доби 54.166 евра со кои ќе набави 40 нови електрични болнички кревети, душеци и основен мебел, Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во општина Делчево со грант од 33.563 евра ќе купи апарат за ултразвук, Клиниката за дигестивна хирургија грантот од 46.370 евра ќе го искористи за да реновира два ката од Клиниката со набавка и замена на нови врати и прозорци, нов таван и молерисување, а Клиничката болница од Штип ќе набави две нови медицински возила за транспорт на пациенти во износ од 40.262 евра. Со грант во висина од 62.794 евра Институтот за респираторни болести кај деца – Козле ќе купи нов апарат за ултразвук и 10 монитори за кислород.

Јапонската програма за мали грантови се спроведува од 1996 година, а неповратната помош е над 6 милиони евра. Со овие грантови реновирани се повеќе од 60 училишта, набавена е опрема за 40 здравствени установи, а доделени се и повеќе од 20 специјализирани возила за јавните претпријатија. Во Македонија досега се доделени околу 420 милиони евра преку различни програми од Јапонија.

 

Содржината е прочитана 65 пати.