Инфо

Туристичките работници бараат поголема инспекција за да се сузбие нелојалната конкуренција

Агенциите не се согласуваат со предлогот да се депонираат 200.000 евра за да се добие лиценца за работа, бидејќи тоа ќе влијае да се зголемат и цените на аранжманите

петок, 09 март 2018

Нелојалната конкуренција е најголемиот проблем со кој се соочуваат не само туристичките работници, туку и приватните станоиздавачи.

„Работењето на црно ни го зема лебот. Случаите човек - агенција,без вработени и без канцеларија, со работа од дома и нудење евтини аранжмани се секојдневие на пазарот“, им се пожалија туристичките работници на претставниците на Министерството за економија.

Туристичките агенции не се согласуваат и со предлогот за депонирање околу 200.000 евра за да добијат лиценца за отварање агенција, бидејќи, како што велат, тоа неминовно ќе ги зголеми цените на аранжманите. Освен намалување на оваа сума, тие бараат и намалување на давачките кон државата.

Поради сите овие причини туристичките работници предлагаат формирање на порадикална туристичка инспекција која ќе ги казнува сите оние кои нелегално сакаат да дојдат до профит. Тие бараат овие нивни предлози да влезат во законот.

„Таа туристичка инспекција не само што ја има улогата на контрола, туку ја има и улогата на едукација на туристичкиот сектор. Контролен механизам сега се само пазарната инспекција и еден или двајца инспектори од локалната самоуправа“, вели Шофќет Хазари, државен советник за туризам во Министерството за економија.

Од Министерството велат дека сите предлози што можат позитивно да влијаат на подобрување на состојбите во туризмот би биле прифатливи за да се дополни Законот. Но, претходно ќе се приспати кон усогласување на ставовите на сите засегнати страни. Се очекува во април измените на Законот да бидат доставени на разгледување до Владата.
 

Содржината е прочитана 57 пати.