Бизнис вести

Индиската компанија „JSW“ е заинтересирана за инвестирање во Македонија

Компанијата од Индија се занимава со производство на челик, цемент, електрична енергија од обновливи извори, а нова инвестициона програма е производната линија на електрични автомобили

четврток, 08 март 2018

Индиската компанија „JSW“ и „ИГМ“ од Кавадарци се заинтересирани за нови инвестиции во производство на електрична енергија од обновливи извори, соопшти Владата.

Менаџерите на двете компании, Саџан Џиндал и Александар Гечев вчера се сретнаа со премиерот Зоран Заев, кој им укажал дека владиниот План за економски раст отвора големи можности за нови вложувања.

„На средбата се разговараше за новите можности за инвестиции преку новите мерки за поддршка предвидени во Планот за економски раст, за природниот потенцијал со кој располага Македонија, како и за позитивните аспекти на деловниот амбиент во Република Македонија“, информира владината прес-служба.

„JSW“ од Индија се занимава со производство на челик, цемент, на електрична енергија од обновливи извори, а како нова инвестициска програма е посочена производната линија на електрични автомобили.

Заев ги повикал претставниците на индиската компанија да аплицираат по мерките од Планот за економски раст кој нуди јасни и транспарентни критериуми еднакви за сите, како и да се одлучат за нови инвестиции во Македонија. Премиерот потенцирал дека во Македонија e обезбеден стабилен бизнис амбиент во кој се поддржува растот и успехот на домашните и на странските компании со цел раст на квалитетот на живот и отворање нови работни места за граѓаните.
 

Содржината е прочитана 201 пати.