Инфо

Растат трошоците на живот, за една година цените на мало повисоки за 3,5 отсто

Трошоците на живот во февруари годинава во однос на јануари пораснале за 0,2 отсто, а во однос на февруари лани за 1,9 проценти

среда, 07 март 2018

Животот во Македонија поскапува полека, но сигурно. Трошоците на живот во февруари годинава во однос на јануари пораснале за 0,2 отсто, а во однос на февруари лани за 1,9 проценти. Цените на мало, пак, во февруари пораснале за 0,1 отсто од јануари, а во однос на февруари 2017 година, дури за 3,5 проценти.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат пораст на индексите на трошоците на животот кај свежото и разладеното овошје за 5,3 отсто, кај замрзнатите морски плодови за 1,1 отсто, месото за 0,9 отсто, другите преработки од месо за 0,8 отсто, кај свежата и разладената риба за 0,4 отсто, а кај сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук и безалкохолните пијалаци за 0,3 отсто.

Во февруари годинава, исто така е забележан пораст на индексите на трошоците на животот и кај болничките услуги и тоа за 3,8 отсто, течните горива за домаќинствата за 1,5 отсто, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 1,4 отсто, мебелот за домаќинствата за 1,2 отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 0,8 отсто, кај авионскиот превоз на патници, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 0,4 отсто, кај текстилот за домаќинствата, малите електрични апарати, услугите за одржување на станот, резервните делови за сообраќајните средства, другите лични предмети за 0,3 отсто, обувките, средствата за чистење и одржување на станот и информатичката опрема за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во февруари 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај замрзнатиот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 0,9 отсто, кај сувото овошје и јаткастите производи за 0,7 отсто, кај другите прехранбени производи за 0,6 отсто, кај другите преработки од риба и морските плодови, јајцата за 0,4 отсто, оризот, млекото и јогуртот за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 2,8 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1,6 отсто, цврстите горива за 1,1 отсто, кај облеката, стаклените садови, кујнискиот прибор и другата опрема за 0,5 отсто и кај услугите за сместување за 0,3 отсто.

 

Содржината е прочитана 71 пати.