Инфо

Зголемен водостојот на сите реки, Вардар се излеа во Скопје

Освен Вардар, излевања има и на реките Треска, Сатеска, Бабуна, а некои места има и поплавени земјоделски површини

среда, 07 март 2018

Обилните дождови што ја зафатија државата во последните денови, како и топењето на снегот поради зголемените температури предизвикаа зголемување на водостојот на речиси сите реки, а некои дури и се излеаја од своите корита.

Реката Вардар се излеа на неколку места во Скопскиот регион. Излевање има во центарот на Скопје, кај мостот кон Јурумлери во општина Аеродром и на местата викани Вител, Чука и Средоред, во општина Зелениково. Најновите хидролошки мерења покажуваат дека е двојно зголемен водостојот на Вардар кај Јегуновце, Зајчев Рид и Велес, а речиси тројно на Треска кај Македонски Брод и на Сатеска кај Ботун.

Нивото на Вардар е најкритично во Велес, во месноста Речани. Од Центарот за управување со кризи велат дека се обезбедени вреќи со песок и се врши постојан мониторинг. Бабуна е излеана во атарот на село Долно Врановци, а слична е состојбата на некои места во тетовскиот и во битолскиот крај.

Tреска поплави земјоделски површини и ливади во атарите на селата Лисичани, Пласница, Сувидол, Девич, Манастирец и Модриште.

Зголемување на нивоата во однос на мартовскиот просек има кај сите сите реки во Македонија, а најмалку кај Крива Река и Брегалница.

Центарот за управување со кризи информира дека некои места има поплавени земјоделски површини. Во општините Битола, Могила и Новаци има заезерено 7 до 10 хектари земјоделски површини, како последица на нефункционалноста на терцијалната мрежа за одводнување, бидејќи во овој дел нема класично излевање на водотеците. Во општина Крушево, по текот на реката Црна од селото Света кон селото Бучин има излевање и поплавување на ливади во должина од околу три километри и ширина од околу 50 метри низводно. Има поплавени земјоделски површини и во општина Демир Хисар, на потегот од село Доленци до село Света.

Во реонот на општина Маврово Ростуше, пак, над селото Жировница има појава на свлечиште, односно, делумно е почнато да се лизга земјиштето и постои опасност тоа да се зголеми.
 

Содржината е прочитана 79 пати.