Интервјуа

Царовска: Жените имаат постигнато многу за своите права, но далеку од доволно

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска по повод 8. Март даде ексклузивно интервју за агенција „Марили“ - „Она што претставува вечна битка е постојана одбрана и унапредување на женските права, кои многу често не се почитуваат или се кршат. Тоа ќе биде битка која секогаш ние жените ќе мора да ја водиме“, вели Царовска

среда, 07 март 2018

МАРИЛИ: Дали имате приближен податок колкава е моменталната бројка на невработени жени, бидејќи над 50 проценти од жените во Македонија се неактивни на пазарот на трудот. Зошто е тоа така?
ЦАРОВСКА:
Согласно податоците на Државниот завод за статистика состојбата е следна: вработени: жени - 39,2 отсто и мажи - 60,8 отсто, невработени: жени - 37,6 проценти, а мажи - 62,4 отсто, додека неактивни се 64,6 отсто жени и 35,4 проценти мажи. Последното истражување за состојбата на пазарот на труд покажува дека главните причини за неактивноста на жените во Македонија се обврските во домаќинството и стереотипите поврзани со улогата на родовите во семејството и општеството. Наодите сугерираат дека традиционалните и конзервативните гледишта на родовите улоги дејствуваат како важни пречки за активноста на неактивните жени на пазарот на труд. Следни важни причини за неактивноста на жените се грижата за децата и за старите лица, потоа влошеното здравје и обесхрабреноста дека ќе најде работа, или, пак, жената верува дека не е доволно квалификувана за да се вработи.

МАРИЛИ: Меѓународниот ден на жената, 8 март има корени на протест и на политички активизам. Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, ден на кој му претходеле години на големи полови разлики и мал процент на вработени жени. Колку денеска, еден век подоцна, 8 март реално ги отсликува општествените достигнувања на жената и нејзината борба за родова рамноправност?
ЦАРОВСКА:
Борбата за еднакви права не завршува никогаш. Не завршува затоа што не е доволно само да се донесат закони и да се подобрат статистиките кои ги споменав погоре. Тие се секако важни, но, секојдневно сме сведоци на кршење на правата на жените насекаде во светот, па дури и во најразвиените општества. Оттаму, јас сметам дека жените имаат постигнато многу во однос на своите права, но далеку од доволно. Она што претставува вечна битка е постојана одбрана и унапредување на тие права, кои многу често не се почитуваат или се кршат. Тоа ќе биде битка која секогаш ние жените ќе мора да ја водиме.

МАРИЛИ: Вие сте граѓански активист кој не така одамна протестираше пред истово Министерство на кое денеска сте прв човек. Која е симболиката и што е сменето од тогаш?
ЦАРОВСКА:
Убаво прашање, ми дава можност да погледнам наназад што постигнавме за овој краток период. Прво, би рекла дека постои суштинска разлика во работењето и пристапот кон граѓаните кои се корисници на услугите на ова Министерство. Во Македонија 11 години беа систематски кршени и злоупотребувани правата на граѓаните од сите категории, приматели на социјална помош, пензионери, родители на деца во предучилишна возраст..., буквално на сите. Ова се правеше со единствена цел - обезбедување политичка поддршка и одржување на власт. Така, преку уцени и манипулирање, со партиски вработувања, граѓаните се држеле под контрола и се влијаело на нивната политичка определба. Од друга страна, слободно би рекла систематски се запоставувал целиот систем на социјална заштита. Па така, денеска имаме недостаток од 2.000 воспитувачи во градинките, огромен недостаток од стручен кадар во социјалните центри, запуштени и урнисани социјални центри со катастрофална инфраструктура, лош и застарен систем на социјална заштита.

Мојата цел, како министер, е ова да го променам од корен. Нема да ги „шминкаме“ институциите, туку коренито ќе го подобриме целиот систем. Ова не е лесно и не може да се постигне брзо, но е апсолутно неопходно. Затоа започнавме неколку важни реформи. Прво, ја донесовме минмалната плата со што 90.000 луѓе денеска добиваат подостоинствен приход. Започнавме еден важен процес на деинституционализација. Во овој процес ќе ги трансформираме големите социјални центри во мали групни домови, каде корисниците ќе имаат подобри и похумани услови. Ова е дел од реформата за социјална заштита. Започнавме процес на вработување на воспитувачи и изградба на нови градинки. Во моментов само 28 отсто од децата посетуваат предучилишно образование, а наша цел е до крајот на мандатот 50 прценти од децата да одат во градинка. Значи, да не должам, ги решаваме наталожените проблеми од корен и ова е тоа што не прави различни. Јас сум горда дека имаме храброст на проблемите да им пристапиме на овој начин.

МАРИЛИ: Една мисла вели „Жените се вистински архитекти на општеството“, што е потврда дека родовата еднаквост во денешно време не е само женско прашање, туку има огромно влијание на развојот на едно општество. Во таа насока Владата формираше интер-ресорска група за еднакви можности на жените и на мажите. До какви сознанија е дојдено, има ли родова рамноправност во нашата држава и каква е родовата перспектива во Македонија?
ЦАРОВСКА:
Интер-ресорската советодавно консултативна група за еднакви можности на жените и мажите се формираше по донесена одлука на Владата, со цел да се даде значење на решавањето на ова важно прашање. Во oва тело членуваат претставници од министерствата, од државните институции, социјални партнери на МТСП, од граѓанските организации, експерти. Родовата рамноправност во земјата не е на завидно ниво, но ние сме посветени на реално подобрување на состојбата. За разлика од минатата деценија кога сведочевме на директни удири врз правата на жената и уназадување на одамна стекнати права, за оваа Влада родовата еднаквост не е само женско прашање, туку голем фактор во развојот на општеството. Земјите со поголема родова еднаквост имаат подобар економски раст и поквалитетен живот.

МАРИЛИ: Македонија веќе пет години има Стратегија за родово одговорно буџетирање. Што покажува Стратегијата, каква е состојбата по изминати пет години?
ЦАРОВСКА:
Единствен начин да покажеме дека нашата заложба за родова еднаквост е вистинска, а не декларативна, е буџетите да станат родово одговорни. Стратегијата за родово одговорно буџетирање е донесена пред пет години, но државата не ги унапредила буџетите во насока на обезбедување еднакви можности за жените и за мажите. За доследно спроведување на овој процес и за создавање механизми за имплементација на родовата компонента, имаме силна поддршка од Министерството за финансии. Во текот на 2018 година ќе се подготви нов закон за буџети, кој ќе биде соодветен на заложбите за родово одговорно буџетирање.

МАРИЛИ: Според Вас, какво е учеството на жените во јавниот и во политичкиот живот во Македонија?
ЦАРОВСКА:
Учеството на жените во јавниот и во политичкиот живот се подобрува, но е далеку од задоволително. Денеска имаме повеќе жени на политички раководни позиции и тоа е добро за подобрување на позициите и правата на жените. Јас верувам дека жените меѓусебно се штитат и помагаат, што повеќе не има на важни позиции, тоа побрзо ќе се унапредуваат и правата. Но, не е важно само присуството на жената во политиката. Јас се радувам дека гледам се повеќе жени на важни позиции во судството, во медиумите и во бизнисот. Ова е исто така многу важно, бидејќи секоја од нив има можност да ја претставува успешната жена и да придонесе во разбивањето на стереотипите, кои, за жал, се уште се многу присутни во нашето општество.

МАРИЛИ: Во Македонија 86 проценти од жртвите на семејно насилство се жени. Колку е јак женскиот активизам и борбата против родово базираното насилство и дали доволно јавно се зборува за овој проблем? 
ЦАРОВСКА:
Сметам дека женскиот активизам направи многу за подобрување на состојбите по однос на ова прашање. Во Македонија има силни и активни организации кои работат на ова поле. Јас лично имам одлична соработка со нив и заедно ги носиме најголем дел од законите и решенијата. Годинава Македонија направи еден многу важен исчекор, а тоа е ратификацијата на Истанбулската конвенција за борба против насилството врз жените и домашното насилство. Конвенцијата се темели на принципот на еднаквост меѓу мажите и жените. Со нејзина ратификација, Македонија се обврза да донесе низа закони за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, потоа закони за еднакви можности меѓу мажите и жените и закони за спречување на дискриминација. Ова лично го сметам за голем успех и верувам дека со носењето и имплементацијата на овие закони многу ќе се подобри позицијата на жената.

МАРИЛИ: Изминатиот период е многу актуелно и сексуалното насилство, особено откако Холивуд го крена гласот против сексуалната злоупотреба од страна на моќни и познати личности. На кое ниво е свеста за таков вид насилство во Македонија?
ЦАРОВСКА:
Неодамна се спроведе една многу добра кампања на социјланите мрежи, #сегаКажувам. Кампањата ги поттикна жените да споделат случка во која биле жртви на сексуално вознемирување. Преку таа кампања, всушност, дознавме колку многу жени секојдневно се жртви на вакво однесување. Драго ми е што конечно почна да се говори за ова, но свеста, сметам дека е премногу ниска. Исто така, најголем дел од случаевите се премолчуваат, најголем дел не се пријавуваат и тешко може да знаеме колку вистински е присутно сексуалното вознемирување и злоупотреба.

МАРИЛИ: Постои ли институционален механизам за заштита на жртвите и за санкционирање на сторителите, односно, имаме ли закон против сексуално насилство и злоупотреба?
ЦАРОВСКА:
Секако дека постои, тоа е кривично дело и законот јасно пропишува казни и санкции за сторителите. Сметам дека многу повеќе треба да се работи на превенција и на поддршка на жртвите, како и на откривање на ваквите случаи кои често жртвите ги кријат заради страв од осуда.

 

Содржината е прочитана 307 пати.