Инфо

Автопатот демир Капија-Смоквица ќе биде пуштен до средината на април

Делницата од Коридорот 10 е долга 28,2 километри. Вкупната инвестиција е околу 218 милиони евра, а средствата беа обезбедени со заем од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, како и 6 милиони евра од буџетот на Република Македонија

среда, 07 март 2018

Кон средината на идниот месец конечно ќе се вози по новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица со што целосно се заокружува автопатското решение на Коридорот 10 низ Македонија, до границата со Грција.

Владата на синоќешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Демир Капија – Смоквица“, по што информираше дека новата делница ќе биде пуштена во сообраќај до 15 април.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека се извршени потребните технички контроли на делницата, комплетираната е електрифиакацијата и сигнализацијата, а до средина на месецов надзорот треба да ја достави и документацијата. Претходно заврши изградбата на контролниот центар, како и дислокацијата на далекуводот поради кои и беше продолжен рокот за изградба до 28 февруари 2018 година, за што мораше да се потпишува анекс на договорот.

Автопатот од Демир Капија до Смоквица почна да се гради во септември 2012 година. Вкупната инвестиција е околу 218 милиони евра, а средствата беа обезбедени со заем од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, како и 6 милиони евра од буџетот на Република Македонија.

Новата делница е долга 28,2 километри и се протега од излезот на Демир Капија, преку селото Миравци до Смоквица, каде се поврзува со постоечкиот автопат. По должината има две клучки, кај Миравци и кај Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест мостови со должина од 100 до 500 метри, шест потпатници и два натпатника. Ширината на сообраќајницата е 25,6 метри, со по две ленти за возење и една за застанување во секој правец и средишен зелен појас широк три метри.
 

Содржината е прочитана 95 пати.